1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД мора поинтензивно да се ангажираат на Блискиот исток

Мировниот процес за Блискиот исток ќе напредува само ако Американците поинтензивно се вмешаат во преговорите – смета дел од експертите во САД. Кристина Бергман ги пренесува акцентите од дебатата во САД по ова прашање.

default

Ќе успее ли да ги убеди страните во конфликтот при посетата во јануари? Џорџ Буш на прес конференција во Белата куќа.

Првите директни мировни разговори меѓу Израелците и Палестинците минатата недела во Ерусалим не минаа добро. Над разговорите, патем први по речиси седум години прекин, се надви затруена атмосфера пред се‘ поради најавата на израелската влада дека ќе гради нови куќи во една нелегална населба во близината на Источен Ерусалим. Ваквиот чекор очигледно не и‘ се допадна ни на американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс. Таа дури и јавно ги критикуваше Израелците поради таквиот чекор во статија за весникот „ЈуЕсЕј тудеј„ – чекор што е невообичеан за оваа американска администрација.
„Во ова време е битно да се изгради доверба меѓу двете страни во конфликтот. Градењето нови куќи во населбата Хар Хома токму го поткопува тој процес. Ниту една од страните не смее да остави впечаток дека презема чекори што од напред ќе влијаат врз одредувањето на конечниот статус. Ова предупредување им го  упатив на моите соговорници„ – нагласи Кондолиза Рајс, мислејќи на израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак и нејзината ресорна колешка Ципи Ливни.
Јавната критика на адреса на Изрел е секако битна, но не и доволна – смета искусниот американски експерт Грем Банерман од Институтот за Блискиот исток со седиште во Вашингтон:
„Да се критизира е една работа, но доколку Израелците и понатаму ги градат населбите, а Американците не преземат ништо против тоа, тогаш тие не ја играат силна улога, што би морале да ја одиграат. Ако претседателот Буш остане на тоа да не се меша и да не понуди сопствен план за Блискиот исток, тогаш целата работа нема да функционира. Ако сака да постигне успех, Америка мора да изврши поголемо влијание!„
При тоа и Банерман е свесен дека сегашната американска администрација мора добро да размисли колкав притисок сака да изврши врз Израелската страна, бидејќи за помалку од една година се одржуваат претседателски избори во САД, каде израелското лоби е многу силно.
Неговиот колега од Советот за надворешни работи, Стивен Кук, гледа ограничени можности за влијание врз обете страни во конфликтот. Според него волјата за мир мора да дојде од Израелците и Палестинците. Ова дотолку повеќе што не се во прашање само провокациите од израелска страна со градењето нови куќи во Хар Хома, туку и Палестинците провоцираат со стрелањето касам ракети врз израелска територија од Појасот Газа.
„Американците можат малку што да сторат. Она што го прават сега е да им дадат поддршка на претседателот и премиерот на Палестинците Махмуд Абас и Салам Фајед. Тоа го прават со надеж дека на тој начин ќе ослаби поддршката на палестинското население за радикалната организација Хамаз, која ја презеде власта над Појасот Газа.„
Претседателот на Палестинците Абас значи реално гледано нема можност да влијае врз ривалското движење Хамаз, а со тоа и врз стрелањето со касам ракети врз израелска територија.
Згора на сето, позицијата на актуелниот американски претседател е ослабена:
„Веродостојноста на претседателот е ограничена. Тоа е најискрено речено и најголемиот проблем за САД кога е во прашање блиско источниот јазол. Сите на Блискиот исток имено сега само уште чекаат на времето по Џорџ Буш. Тие веќе се простија од него и се надеваат дека добро ќе го преживеат времето до доаѓањето на следната американска влада кон крајот на наредната година.„
Затоа американските експерти сметаат дека новата иницијатива за Блискиот исток мора брзо да се спроведе. Се чини дека од решавачка важност ќе биде посетата на Џорџ Буш на Блискиот исток најавена за јануари. Тогаш, при првата посета на регионот од доаѓањето на власт, Буш помладиот треба да покаже дали и колку му е важен новиот мировен процес.