1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД: Мала искра надеж во буџетскиот спор

За договор меѓу Републиканската и Демократската партија се‘уште не може да стане збор, но по повеќедневната финансиска блокада, во САД растат шансите за навремено подигање на лимитот на нови државни задолжувања.

Во спорот околу донесувањето на американскиот државен буџет има мало поместување, но не и пробив. Првпат по неколку недели претставниците на Републиканската партија направија сериозни предлози на средбата која се одржа во Белата куќа. Американскиот претседател Барак Обама и Републиканците планираат натамошни преговори.

Очигледно, под огромниот јавен притисок, Републиканците дадоа предлог за подигање на сегашниот лимит за државни задолжувања од 16,7 билиони долари за шест недели. По едноиполчасовните разговори во Белата куќа меѓу двете страни, предводени од американскиот претседател Барак Обама и Републиканецот Џон Бенер (на фотографијата), тие излегоа со информација дека не е постигнат договор, но изразија воздржан оптимизам.

Белата куќа изјави дека одржаната средба била добра и дека Обама се надева на натамошни напредоци. Водачот на Републиканците во Претставничкиот дом, Ерик Кантор, изјави дека средбата била многу плодна, а и тој се надева на натамошни преговори. Експертите предупредуваат дека доколку до 17. октомври не биде подигната границата за задолжувања, САД ќе станат платежно неспособни, што ќе има тешки последици по националната, но и по светската економија.

Со договорот за должничкиот лимит, финансиската кавга би била само делумно решена. И натаму останува прашањето со буџетот, поради што повеќе од една недела во САД делови од администрацијата се парализирани. Министерот за финансии Џек Лу предупреди од драматични последици за американската економија. Одложувањето на одлуките штети на угледот на САД во светот: „Една крупна демократија не се тетерави од една во друга домашно произведена криза“, изјави министерот.