1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

САД: Македонската влада турка национализам, наместо евроинтеграции

Во извештај на американската разузнавачка служба се наведува дека властите во Скопје промовираат етнички национализам за сметка на евроатлантската интеграција на земјата. САД не сакаат да се мешаат во спорот за името.

Втора година по ред, Македонија се најде во извештајот на Директоратот за национално разузнавање на САД, како потенцијална кризна точка во Европа. Извештајот оценува дека колку што подолго македонските интеграции во НАТО и во Европската Унија остануваат попречени поради спорот со Грција и поради влошените билатерални односи со Бугарија, толку поголеми се ризиците од зголемување на етничките тензии. Во извештајот, кој вчера беше претставен пред Комисијата за разузнавање на американскиот Сенат, според извештајот на агенцијата МИА, се оценува дека Македонија се оддалечува од евроатлантските интеграции поради националните програми на македонската Влада.

Гласот на Америка на македонски јазик, пак, јавува и за отворена критика на смета на владата во Скопје, во извештајот на американските разузнавачи:

„Македонската влада продолжува да турка програми наменети за промоција на етнички македонскиот национализам, на сметка на евроатлантската интеграција на земјата. Што подолго се одолголекува со македонското членство во ЕУ и НАТО поради спорот со Грција околу уставното име на земјата и слабите билатерални односи со Бугарија, толку е поголем ризикот дека ќе нарасне етничката напнатост“.

Од друга страна, Бен Роудс, заменик советник за национална безбедност на претседателот Барак Обама вчера (29.01) изјави дека САД немаат намера да се мешаат во решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, но ги поддржуваат разговорите кои се водат под мандатот на Обединетите нации.

„Мислиме дека не е местото на САД да го разрешат ова прашање. Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на Обединетите нации и на пратеникот кој работи со двете земји да го решат прашањето. Крајната цел е да продолжат евроатлантските интеграции и поблиски врски во Jугоисточна Европа. Сметаме дека најдобар процес е процесот воден од ОН, тие имаат искуство, знаење и меѓународен легитимитет. Нашиот пристап во догледна иднина ќе биде да го поддржуваме пратеникот на ОН, со цел да продолжат евроатлантските интеграции“, изјави Роудс, кој вчера пред странските дописници во Вашингтон ги претстави надворешнополитичките цели на претседателот Обама, еден ден по обраќањето на претседателот до нацијата. Роудс воедно најави дека состојбите во Европа ќе бидат еден од приоритетите на претседателот Обама, кој планира повеќе посети почнувајќи од Брисел, каде меѓу другото ќе се разговара за модернизирање на НАТО сојузот, во пресрет на самитот кој Алијансата ќе го одржи во септември во Британија.