1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД критикуваат, Кина и Русија се огорчени

САД ги обвинија Русија и Кина дека прават премалку во борбата против трговијата со луѓе. Пекинг и Москва реагираат огорчено на објавената листа на Стејт Департментот за трговијата со луѓе во светот.

Кина и Русија годинава паднаа на листата на американскиот Стејт Департмент во најдолната група земји според преземените мерки во борбата против трговијата со луѓе. Во земјите кои прават најмалку во борбата против трговијата со луѓе падна и Узбекистан, а таму се и Северна Кореја и Иран. Русија и натаму нема конкретен систем за идентификација на жртвите на трговија со луѓе, оцени Министерството за надворешни работи во Вашингтон. Во Кина пак, политиката „едно дете“ и тежнеењето да се добие син довеле до тоа во земјата да има помалку жени. Тоа пак, за последица има зголемена побарувачка по жени кои се принудуваат на брак или се принудени на проституција, оценуваат САД.

Бројот на луѓе кои се жртви на модерно ропство во светот изнесува 27 милиони, а најголемиот дел од нив се жени и девoјчиња, констатира во својот годишен извештај Стејт Департментот.

Според американските закони, земјите кои се наоѓаат во последната група на листата може да бидат погодени од санкции. Меѓутоа, санкциите не смеат да ја погодат трговијата или хуманитарните активности.

Menschenhandel Europa

Во светот 27 милиони луѓе се жртви на трговијата со луѓе

Можни се санкции во образовната сфера и културата. Дали американската влада ќе донесе одлука за санкции врз основа на извештајот, не е познато. Борци за човекови права и политичари веќе побараа да бидат преземени соодветни чекори.

Владите во Москва и Пекинг ги отфрлаат категорично обвинувањата. Извештајот применува неприфатливи методи на групирање на земјите, односно тие се групираат зависно од симпатиите на Вашингтон, објасни руското Министерство за надворешни работи. Портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи од САД побара да забранат еднострани и своеволни проценки и да ги оценат напорите на Кина во борбата против трговијата со луѓе објективно и непристрасно.

Јанкулоска: Македонија рангирана рамо до рамо со најразвиените земји

Република Македонија е рангирана во групата држави кои што целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе, изјави денеска македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Рангирањето на Република Македонија во најновиот Извештај на Стејт департментот за 2012 година во групата ТИЕР-1 држави претставува уште едно значајно постигнување за земјата и уште една јасна потврда за нашиот континуиран ангажман и посветеност во справувањето со овој облик на организиран криминал.“

Јанкулоска притоа посочи дека минатата година кривично се пријавени и осудени и службени лица од министерствата за внатрешни работи и за правда за кривични дела поврзани со трговијата со луѓе. Според нејзе, покрај во трговијата со луѓе, Македонија бележи зголемени активности и во борбата против криумчарење мигранти. Во 2012 година за 44 проценти е зголемена реализацијата на вакви случаи. Притоа, евидентирани се 39 кривични дела, за кои пријавени се 70 сторители. Бројот на илегални мигранти е зголемен за повеќе од двојно - 415, додека во 2011 година изнесуваше 173.