1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

САД и Јапонија во иста каша

Не е само Грција презадолжена - „до гуша“ во долгови се и САД и Јапонија, поради што рејтинг-агенцијата „Стандард и Пур’с“ ја намали нивната кредитна веродостојност. Проблемот им е заеднички, но причините се различни.

default

САД и Јапонија „до гуша“ во долгови

Процената на влијателната рејтинг-агенција не дојде изненадувачки: со 1,7 билиони, односно илјада и седумстотини милијарди долари, американскиот годишен буџетски дефицит постигна нов рекорд и достигна до повеќе од 10 проценти од бруто-домашниот производ. Севкупниот долг на државата годинава ќе се изедначи со севкупното годишно постигнување на стопанството. Притоа, во најголем дел станува збор за долгови кон странство.

„Тоа значи дека земјата живеела над своите можности и оти државата, но и приватниот сектор, многу се задолжувале во странство“, вели Клеменс Фист од универзитетот во Оксфорд. Ролф Шнајдер, раководител во истражувачкиот оддел на „Алијанц“-групата нагласува: „Во САД има двоен дефицит - буџетски и надворешно-трговски“.

Во Јапонија ситуацијата е обратна

Јапонија редовно бележи суфицит во надворешно-трговската размена и, по Кина, располага со втори најголеми девизни резерви во светот. Вкупниот долг од преку 200 проценти од годишните стопански постигнувања е резултат на постојано новите конјунктурни програми на владата, со кои таа се обидува да излезе на крај со економската криза која трае веќе 20 години. Разликата во однос на САД е и во тоа, што во Јапонија доминантно, со преку 90 проценти, станува збор за внатрешно задолжување. „Се’ додека јапонските инвеститори не ја загубат довербата во сопствената држава, нејзиното високо задолжување не претставува проблем“, вели Клеменс Фист. Тоа го објаснува и феноменот, зошто и покрај највисокото задолжување меѓу сите индустриски нации, Јапонија и натаму исплаќа најниски каматни стапки.

Но, таа земја сега мора да ги санира и последиците од земјотресот и атомската катастрофа. Се смета дека годинава новото задолжување на државата ќе надмине десет проценти од бруто-домашниот производ. Но, Јапонија сепак не ќе мора да плаќа екстремно високи камати, како Грција и Португалија, за да дојде до свеж капитал.

Staatsschulden in Relation zum Bruttoinlandsprodukt

Споредбена статистика на државните дефицити со БДП

Многу странски инвеститори имаат доверба во САД

Тоа нема да се случи ни со САД, убеден е Ролф Шнајдер од „Алијанц“-групата. „САД и натаму имаат особено големо значење во светската економија. Американскиот пазар на обврзници од пензискиот фонд е многу голем и постојано има доволно странски инвеститори кои имаат доверба во САД. Сметам дека Америка ќе остане интересна како земја за инвестирање, независно од тоа како ја рангираат рејтинг-агенциите“.

Решавачка предност за Американците е и што нивната валута е водечка во светот, па најголемиот дел од долговите и се води во долари. Американската емисиона банка е на најдобар пат да се ослободи од државните долгови преку инфлација - со експанзивна монетарна политика и со програма за откуп на државните обврзници таа печати свежи пари и ја финансира владата во Вашингтон.

Автор: Џанг Данхонг/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска