САД и „црвената линија“ | Свет | DW | 23.08.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД и „црвената линија“

Сириската опозиција ја обвинува владата за напад со отровен гас. САД, ако тоа е точно, се ставени под притисок. Но, постојат причини зошто суперсилата не сака вмешување во сирискиот конфликт, исто како и во Египет.

„Црвената линија“ можеби е пречекорена - ако се докаже дека сириската влада навистина употребила хемиско оружје. Тогаш, Барак Обама самиот се обврза на акција. Претседателот на САД пред околу една година користењето на недозволено хемиско оружје го оцени како „црвена линија“ за воено интервенирање во сириската граѓанска војна.

Во средата (21.08) во наводен напад со отровен гас во Дамаск беа убиени меѓу 500 и 1300 луѓе. Опозицијата ја обвинува сириската влада, таа демантира. Ако се покаже дека опозицијата ја кажува вистината, тогаш Барак Обама ќе биде принуден нешто да направи.

Syrien Einsatz von Chemiewaffen in Aleppo

Граѓанска војна во Сирија

Уште во јуни 2013 година американската влада беше убедена оти режимот во Дамаск користи хемиско оружје и најави вооружување на одредени групи бунтовници. Но, САД досега не пројавија желба за сопствено воено вмешување.

Страв од проширување на сирискиот конфликт врз соседството

За дописникот на МРД од Вашингтон, Зилке Хазелман, јасно е дека Барак Обама ќе оди по поинаков надворешнополитички пат од неговиот претходник, Џорџ Буш. Обама сака во историјата да влеза како претседател кој тежиштето го става на дијалог, а не на употреба на оружје, настрана од сликата на суперсилата како светски полицаец.

„САД не сакаат да бидат вовлечени во воен конфликт, пред се‘ поради тоа што ризиците за непосредното соседство се непредвидливи“, вели Јозеф Јанинг од Германското друштво за надворешна политика, ДГАП. Шиитите во Иран, кои го поддржуваат режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, американска интервенција во Сирија би можеле да ја чувствуваат како провокација. Израел како директен сосед на Сирија, би имал исто така конфликт со режимот на Асад и во случај на ескалација, би бил загрозен.

„Освен тоа, Американците во последните години веќе имаат искуство дека е речиси невозможна ограничена интервенција“, смета Јанинг.

Syrien Rebellen berichten von Giftgasangriff im Region Ghouta

Слики за наводна употреба на нервен гас

Тој верува дека Американците автоматски би се нашле под притисок, во случај на интервенија, потоа да се погрижат за излез од конфликтот кој ќе биде соодветен на приоритетите и очекувањата. Тоа значи: тие зад себе мора да остават релативно мирна состојба.

„Ваквото очекување во Ирак не беше исполнето, а разочарувачки е и она што се случува во Авганистан“, вели Јанинг за Дојче веле.

Политичарот на Зелените, Омид Нурипур, за пасивноста на Американците во надворешната политика гледа и друга причина: „САД во моментов не сакаат да влезат во нова војна. Од една страна, тие се уморни од војни, а од друга страна, немаат доволно пари за да финансираат вакви интервенции“.

Американските интереси во Египет

Западната велесила досега покажува пасивен став и во однос на Египет. Критичарите поради тоа ја обвинуваат американската влада дека и таа сноси одговорност за военото насилство во земјата.

Ägypten Protest Muslimbrüder 16. August 2013 DW Sailer

Египетската војска на улиците на Каиро

Во Египет, вели американскиот дописник од Вашингтон, Зилке Хазелман, САД и онака имаат мала мотивација за вмешување, со оглед на тоа што нивните најважни интереси во моментов се чини се осигурани: државата и натаму им обезбедува на Американците пристап кон Суецкиот канал за нивниот транспорт на нафта и воени транспорти. Освен тоа, американските фирми ја снабдуваат египетската војска со хеликоптери. Ако американската влада влезе во клинч со египетските партнери, ќе паднат во вода редица лукративни бизниси.

И дополнително, египетско-израелскиот договор ја отежнува можноста за посилно вмешување во Египет, на пример преку блокирање на паричната помош, објаснува Јозеф Јанинг за Дојче веле. За оваа година остануваат за исплата уште околу 600 милиони евра, се вели од извори на американската влада. Јозеф Јанинг истакнува: американската воена парична помош е еден вид гаранција ветена на Египет при потпишувањето на мировните договори.

„Ако Американците престанат со исплата на воената помош на Египет, со тоа автоматски најавуваат повлекување во контекст на египетско-израелскиот мировен договор, што значи, го загрозуваат“, вели Јанинг.