1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

САД и натаму ја поддржуваат Македонија за членство во ЕУ и НАТО

Заменик помошникот на државниот секретар на САД при посетата на Македонија оствари средба со државниот врв. На средбите меѓу другото станало збор и за евроатлантската интеграција на Македонија и состојбата во регионот.

Билатералната соработка и евроатлантската и европската интеграција на Република Македонија беа темите на кои денеска разговараа македонскиот премиер Никола Груевски и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов на одделни средби со заменик помошникот на државниот секретар на САД задолжен за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер.

Во однос на евроатлантската интеграција на Република Македонија, биле истакнати чекорите кои се преземаат во повеќе сфери за унапредување на процесите и стандардите, со осврт на унапредување на политичкиот дијалог во земјата. Исто така била истакната посветеноста и одговорниот пристап за надминување на предизвиците на надворешно-политички план, се вели во соопштението од владата на Македонија.

Груевски и Рикер размениле мислења и за регионалните случувања, настани, предизвици и перспективи, и оцениле дека сите субјекти во регионот треба да дејствуваат во интерес на засилување на регионалната соработка и обезбедување на стабилизација, напредок и развој на Југоисточна Европа.

Во соопштението од кабинетот на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов по повод средбата со Рикер пак се вели дека биле потврдени партнерските односи меѓу Македонија и САД, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката.

Претседателот Иванов на средбата подвлекол дека главен приоритет на Македонија останува почеток на преговорите за членство во ЕУ и реализирање на поканата за членство во НАТО. За реализирање на овие цели, било констатирано дека двете земји ќе продолжат тесно да соработуваат. Рикер притоа го потврдил официјалниот став дека САД силно ја поддржува евроатлантската интеграција на Република Македонија, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Иванов.

Заменик помошникот на државниот секретар на САД денеска треба да се сретне со лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев. Вчера, пак, тој разговараше со Теута Арифи градоначалник на Тетово и член на раководството на ДУИ.

Посетата на заменик помошникот на државниот секретар на САД задолжен за европски и евроазиски прашања, Рикер, на Македонија е по повод конференцијата на Јадранската група, која треба да се одржи утре во Скопје.

Поврзана содржина