1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

САД и Кина: Северна Кореја да се врати на шестпартитните разговори

Преговори без предуслови од Пјонгјанг, смета Кондолиза Рајс. Кина ќе продолжи со дипломатските напори за “колку што е можно побргу да биде пробиено затишјето” и “повторно да започнат разговорите на шесторката“

Кондолиза Рајс и Ху Џинтао

Кондолиза Рајс и Ху Џинтао

Во кризната мисија на Далечниот исток на Азија американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс во Пекинг се усогласи со кинескиот колега по функција Ли Жаошинг околу натамошното постапување во атомскиот конфликт со Северна Кореја. Обете страни сметаат дека и натаму мора да се работи на остварување на целта за создавање безатомска зона на Корејскиот полуостров, при што Пекинг стриктно одбива примена на воени средства. Министерот Ли рече: “Мирољубиво решение за атомскиот конфликт со Северна кореја е од интерес за обете страни. Се надеваме дека сите засегнати ќе сочуваат студена глава и ќе постапуваат со обѕир и одговорно. Дијалог и мирољубиви средства се линијата со која може да биде решен проблемот”.

Кина стравува од колапс на Северна Кореја

Кина најмногу страхува од колапс на комунистичката братска земја. Доколку ситуацијата со прехранбени средства натамошно би се заострила и луѓето уште повеќе би страдале од глад, Кина би морала да смета на бран од бегалци. Експерти проценуваат дека преку досега необезбедуваната граница спрема Кина би побегнале до половина милион Севернокорејци. Освен тоа, Северна Кореја е важна за Кина и затоа што служи како тампон-зона спрема Јужна Кореја, каде има стационирано американски трупи. Ако Ким Јонг Ил падне од власт, Кина би морала да страхува дека тогаш американски трупи би стоеле директно на кинеската граница.

Постојано наново се искажуваат претпоставки дека Кина поради сопствени сметки нема да ги изврши своите обврски кај придржувањето кон санкциите против Северна Кореја усвоени од Советот за безбедност. Оттука и опомената од страна на Кондолиза Рајс: “Кинескиот министер и јас разговаравме за значењето на целосното придржување кон резолуцијата 1718, за да нема никаков трансфер и трговија со опасни илегални материјали во врска со атомската програма на Северна Кореја”.

Пекинг ветува дека ќе ги извршува обврските

Според извештаите од границата кон Северна Кореја, Пекинг во меѓувреме воведе заострени контроли на товарните траснспорти. Министерот Ли уверуваше: “Како член на ОН и постојан член на Советот за безбедност, Кина и натаму ќе ги извршува своите обврски”.

Иако по тестот на атомска бомба меѓусебните односи се оптоварени, Кина и натаму е земја со најголемо влијание врз режимот во Пјонгјанг. Севернокорејското население опстанува само со кинеската помош и испораки на енергија. Пред само неколку денови кинескиот шеф на партијата и на државата Ху Џинтао испрати свој специјален емисар во Пјонгјанг за да го врати Ким Јонг Ил на преговарачка маса. Според јужнокорејските медиуми, тој соопштил дека е подготвен на отстапки, доколку САД не заведат финансиски санкции, како и оти жали поради извршената атомска проба. Тие извештаи не беа потврдени ни од страна на кинеската влада, ниту од американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.