1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД и Иран ќе водат преговори на амбасадорско ниво

Американскиот претседател Џорџ Буш даде зелено светло за дијалог со Иран на амбасадорско ниво.

Џорџ Буш - што може да донесе дијалогот со официјален Техеран?

Џорџ Буш - што може да донесе дијалогот со официјален Техеран?

Овој потег доаѓа како изненадување дотолку повеќе што на вербално ниво се забалежува дури заострување на тонот. Така иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад вчера ги предупреди САД дека во случај на воен удар ќе уследи тешка одмазда.

Ова е можеби мал чекор за американската администрација под претседателот Џорџ Буш, но сосема голем за добрите познавачи на американската надворешна политика. Тие имено знаат дека цели 25 години од исламската револуција во Иран САД немаат никаков контакт со официјален Техеран.

Кога ќе се случат одобрените преговори на амбасадорско ниво, за сега не е познато. Но затоа се знае дека ако се случат, тоа ќе биде во Багдад. Тоа се должи на фактот што тема на разговорите и може да биде само состојбата во Ирак, а не останатите крупни проблеми како на пример иранската атомска програма. Американскиот Стејт департмент ја предводи дипломатската офанзива, според која првичното приближување кон непријателски Иран може да се случи околу темата Ирак.

“Сметаме дека е време да го искористиме Багдадскиот канал за да ја ставиме на проба иранската влада. Таа тврди дека игра позитивна улога во Ирак и дека ја поддржува владата на премиерот Ал Малики. За сега овие зборови за жал не ги следат дела“ - порача портпаролот на Стејт департментот Том Кејси.

Неговата шефица, министерката за надворешни работи Кондолиза Рајс има намера да ја смени таквата ситуација по пат на преговори. Таквата намера не наидува на позитивни реакции на секаде во американската администрација. Гласноговорникот на американскиот претседател Тони Сноу манифестираше резервираност кога беше запрашан дали тоа претставува пресврт во американската политика кон Иран:

“Од интерес е за сите Иранците да се вратат во меѓународната заедница. Но, за тоа мора да престанат да го поддржуваат тероризмот и да ја запрат атомската програма, што во регионот се смета за сериозна закана.“

Мислењата во американската политика околу потегот на Стејт департментот се поделени. Пратеникот на демократската партија Ли Хамилтон смета дека станува збор за охрабрувачки чекор во исправна насока. Тој беше член на работната група, која на Бушовата администрација и‘ препорача соработка со Иран околу решавањето на Ирачката криза. Наспроти тоа хардлајнерите како републиканецот Ричард Перл се сомневаат дека официјален Техеран може да се натера да ја смени политиката кон Ирак. И во редовите на неговата партија има поинакви ставови:

“Нема мир во Ирак или на друго место се‘ додека не се постигне регионален консензус. Иран мора да биде дел од тој консензус. Иранците нема да ни направат никакви отстапки туку така, но сметам дека е разумно да се обидеме да најдеме заеднички интереси“ - оценува сенаторот од републиканската партија Чак Хејгел.

Поврзана содржина