1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

САД и Израел без право на глас во УНЕСКО

САД и Израел автоматски денеска го загубија правото на глас во УНЕСКО, Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации, бидејќи им истече рокот да ги платат долговите за оваа агенција.

Соединетите држави и Израел одбија да ги платат задолжителниот придонес во УНЕСКО, откако оваа организација во 2011. година со големо мнозинство гласови на земјите членки ја прими Палестина во полноправно членство.

Според прописите на УНЕСКО, САД и Израел имаа рок до петокот претпладне да ги платат долговите или автоматски го губат правото на глас. Функционер од агенцијата, кој сакал да остане анонимен оправдувајќи се дека нема овластувања јавно да зборува за ова прашање, изјавил дека до денеска наутро „ништо не стигна на сметката“ на организацијата.

Сторнирањето на уплатата на американскиот придонес, кој изнесува 80 милиони американски долари годишно, односно 22 отсто во вкупниот буџет на УНЕСКО, ја доведе организацијата до работ на финансиската криза и ја присили да ги скуси американските глобални иницијативи како што се проучувањата за холокаустот и истражувањето на феноменот на цунами.

Многумина во Вашингтон се загрижени дека САД ќе станат „безгласна“ членка на организацијата, без влијание во меѓународните програми за борба против екстремистите преку образованието, промовирањето на еднаквоста на половите или слободата на медиумите. Други, пак, стравуваат дека слабата американска присутност во УНЕСКО ќе доведе до зголемување на анти-израелското чувство во организацијата, каде што арапското критизирање на Израел поради територијални причини е дамнешен проблем. Ваквата ситуација и доведе до преиспитување на американските закони според кој САД автоматски престануваат да финансираат која и да е агенција на Обединетите нации којашто во своето членство ќе ја прими Палестина.

Се очекува дека земјите коишто го загубиле правото на глас во УНЕСКО ќе бидат објавени јавно в сабота на генералното собрание на организацијата коешто се одвива во француската престолнина Париз. Како организација УНЕСКО најверојатно е најпрепознатлива по своите списоци од заштитено светско културно и природно наследство. Меѓутоа, суштината на мисијата на организацијата основана во 1946 година беше борбата против екстремизмите. Денес УНЕСКО се занимава со прашањата како што се пристапноста до водата за пиење, описменувањето, борбата против сиромаштијата и промоцијата на слободата на изразувањето, како и развивање кај луѓето креативно мислење како отпор за насилниот екстремизам.