1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД и ЕУ треба да ја сфатат реалноста на Косово

СБ на ОН денеска одржува седница посветена на Косово, прва по објавувањето на мислењето на МСП во Хаг. Американскиот експерт за Балканот Тимоти Вотерс вели-независноста на Косово е едно, а неговите граници се друго.

default

САД и ЕУ треба да ја прифатат реалноста на Косово и да ги одделат прашањето за независноста со прашањето за границите, вели за Дојче Веле, професорот на Универзитетот во Индијана и експерт за Балканот, Тимоти Вотерс

Американскиот експерт не очекува дека на Балканот ќе дојде до поголема нестабилност по одлуката на Меѓународниот суд на правдата да ја прифати косовската независност, но предупредува дека ќе има обиди за повторно менување на границите.

„Нова нестабилност, во смисла дека некој сега веднаш ќе се фати за оружје и ќе бара независност нема да има, но решението со сигурност ќе ги мотивира Србите во Босна да се откажат од интеграцијата или да побараат отцепување, а во слична ситуација ќе бидат и Србите во Косово. Решението на Меѓународниот суд значи дека декларациите за независност и, имплицитно, сецесионизмот не се нешто кое автоматски се отфрла. Може да се каже дека одлуката ја поддржува сецесијата на Косово. Тоа, пак, отвора нов проблем, имено можноста да се случи и отцепување на територија од Косово.“

Вотерс ја оценува како прагматична резолуцијата која Србија ја поднесе до Генералното собрание на ОН.

„Србија нема избор и мораше да ја поднесе таа резолуција. Во неа се говори за отворање на дијалог, но не се споменува статусот на Косово, што може да значи и скришно признание дека Белград не може да влијае врз прашањето на независноста. Тоа може да се покаже како добра и прагматична постапка. Има и многу западноевропски дипломати кои веруваат дека најбрзиот пат за постигнување стабилно решение е да се раздели прашањето за статусот од прашањето за територијата, односно, независноста на Косово е едно, а неговите граници се нешто друго“, објаснува Вотерс.

Karte Serbien

Вотерс е за промена на границите

Американскиот професор смета дека Белград и Приштина треба да се движат во таа насока, но проблем е спротивставувањето на САД и ЕУ. Тој ги повикува и Брисел и Вашингтон да ги променат позициите, и отворено се залага за „промена на границите во регионот кои би одговорале на интересите на сите кои живеат во него“.

„Не гледам шанса за промена на актуелната политика на САД, а тоа значи и континуирана нестабилност. Има многу луѓе во Белград и во Приштина кои се подготвени да разговараат за промена на границите, но Брисел и Вашингтон се против. Вистинската работа треба да се заврши во тие престолнини, а не на Балканот“, вели американскиот експерт за Балканот Тимоти Вотерс во разговорот за Дојче Веле.

Автор: Соња Каникова / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM