1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

САД започнуваат со намалување на трупите во Ирак?

Тоа го навести претседателот Џорџ Буш за време на ненадејната посета на Ирак. Промената на стратегијата ја условi со извештајот на врховниот командантот на трупиte генерал Петреас, кој се очекува наредната недела

default

Претседателот Буш со американските војници во Ирак

“Командантот на трупите во Ирак, генерал Петреас, и американскиот амбасадор во Багдад Крукер ми рекоа: ако продолжи успехот што сега го забележуваме, можеме да го гарантираме истото безбедносно ниво со помалку американски трупи” – рече претседателот Џорџ Буш пред новинарите, не наведувајќи временски план. Подоцна, во краткото обраќање до војниците, тој укажа: “Тие решенија ќе произлезат од заедничките размислувања, од командантите на теренот, а не од нервозните реакции на политичари во Вашингтон, кои сакаат да ловат гласови во медиумите”.

Ова беше трета посета на Буш на Ирак по падот на тамошниот стар режим. Тој се состана со војниците во ал-Анбар, долго време најзавојувана провинција во Ирак. Во неа се наоѓаат и Фалуџа и Рамади, градови кои се здобија со тажна слава поради повеќе американски воени операции и жесток антииамерикански отпор. Но, од пред неколку недели провинцијата се смета за смирена.

Големите племиња на сунитски Арапи беа убедени од американската политика, се бореа рамо до рамо со американските единици против борци на Ал Каида и ги протераа исламистите. Буш поради тоа Ал-Анбар ја претстави како успешна историја: “Анбар е огромна провинција, некогаш беше отпишана како загубена, сега е таа едно од најсигурните места во Ирак”. Претседателот на САД таму се состана и со важни арапски племенски водачи. Тоа беше демонстрација со која сакаше да покаже дека се остварува неговата стратегија.

Новите 30 илјади американски војници донесени од почетокот на годинава главно беа засилувања за Багдад и ал-Анбар. Упатувањето на тие засилувања доведе до остри контроверзи меѓу Буш и Конгресот. Наредната недела на Конгресот извештај за политичкиот и воениот развој во Ирак треба да му поднесат генерал Дејвид Петреас и амбасадорот Рајан Крукер. Уште отсега се смета за сигурно дека тој ќе биде релативно позитивен.

Буш ги казни ирачките политичари – не ги посети во Багдад, туку одделни претставници, како премиерот Нури ал Малики, покани да дојдат во ал-Анбар, секако за да им покаже дека нешто може да се направи – само ако се сака. Од владата на Буш во последно време постојано се вели дека одговорните на ирачка страна премалку прават за сопствената земја, посебно Шиитите во опкружувањето на премиерот ал-Малики.

Бјерн Блашке