1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД „душкале“ податоци кај интернет концерните

Се множат информациите за акции на прислушување на тајните служби на САД. Според медиумите, тие не само што масовно собирале телефонски податоци, туку систематски ги надгледувале и компјутерите на интернет концерните.

Весникот „Вашингтон пост“ во нов текст разоткрива детали околу нова американска „надгледувачка афера“. Весникот објавува дека американските служби за безбедност имале директен пристап до компјутерските системи на девет водечки интернет концерни во земјата и масовно имале пистап до имејл пораки, фотографии, видеа, документи и аудио-записи. Фирмите „Мајкрософт“, „Јаху“, „Гугл“, „Фејсбук“, „ПалТок“, „АОЛ“, „Скајп“, „Јутјуб“ и „Епл“ соработувале, во рамките на тајната „PRISM“ - програма, со тајната служба НСА и сојузната полиција ФБИ.

„Вашингтон пост“, според сопствени наводи, поседува документи за програмата. Весникот овие документи ги добил од соработник на тајните служби, кој бил шокиран од грубата повреда на приватната сфера на корисниците. „Во вистинска смисла на зборот тие можат да видат како, кога чукате на тастатура, ги формулирате мислите“, се цитира изјава на инсајдерот. Оној, кој како пратеник во Конгресот знаел за програмата, подлежел на обврска да молчи.

Висок по ранг владин соработник за новинската агенција Ројтерс изјави дека биле собирани податоци на не-американски граѓани, кои живеле надвор од земјата. Конгресот неодамна ја продолжил програмата „по опсежни сослушувања и дебати“.

Зголемено користењето на тајните податоци

NSA-Zentrale in Maryland

Централата на НСА во Мериленд

Весникот информира, дека програмата „PRISM“ била воведена во 2007 година во времето на претседателот Џорџ Буш и надградена од неговиот наследник, претседателот Барак Обама. Во изминатите шест години користењето на овие податоци значително се зголемило и во меѓувреме тие претставувале основа за секој седми извештај на тајните служби. „Извештаите на НСА (тајната служба) се' повеќе се потпираат на програмата 'PRISM'“, цитира весникот од документите. Пристапот до серверите денес претставува најопсежниот извор за дневните брифинзи на претседателот. Тие изминатата недела во 1477 записи цитирале сознанија од „PRISM“.

Во првата реакција „Мајкрософт“, „Гугл“, „Епл“, „Фејсбук“ и „Јаху“ соопштија дека на официјалните власти не им е дозволен директен пристап до нивните сервери. „Гугл“ соопшти дека на владата никогаш не и‘ била отворена „споредна врата“. „Мајкрософт“ соопшти дека се одобруваат налози кои се однесувале на „специфични корисници или идентификувани обележја“. „Никогаш не сме слушнале за 'PRISM'“, рече пак портпаролот на „Епл“.

Шпионирани и телефонски податоци

US-Geheimdienstdirektor James Clapper im US Senat

Џејмс Клапер

Кратко пред тоа британскиот весник „Гардијан“ објави тајна судска одлука, со која американската мобилна фирма „Веризон“ се обврзува три месеци секојдневно да доставува информации на властите за сите телефонски повици на нејзините преку 120 милиони клиенти. Одлуката важи за сите телефонски повици во САД и меѓународните контакти. Се смета за веројатно дека слични налози важеле и за другите понудувачи на мобилна телефонија.

Националниот координатор на тајните служби на САД, Џејмс Клапер, го критикуваше обелоденувањето на случајот и рече дека „водело во заблуда“. Недозволеното објавување на таен документ се заканува „долгорочно и неповратно да ја загрози“ способноста на силите за безбедност за идентификација на заканите, рече Клапер. Белата куќа ги брани ваквите акции, без директно да го потврди написот во весникот. Републиканецот Мајк Роџерс, кој раководи со Комисијата за тајните служби во Претставничкиот дом, рече дека благодарение на мерките во изминатите години можело да биде спречен терористички комплот.

Претседателот Барак Обама уште претходно беше на удар на критиката, бидејќи неговата влада тајно собирала телефонски податоци на новинарите на новинската агенција АП и имејл поштата на еден репортер на телевизијата „Фокс“.