1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД добро знаеле за мачењата во ирачките затвори

Во текот на окупацијата на Ирак, бројни затвореници беа мачени во затворите. Британски „Гардијан“ и БиБиСи подигнуваат тешки обвинувања на сметка на Вашингтон: мачењата наводно биле систематски и водени од Пентагон.

Специјалните единици на ирачката полиција, воспоставени по падот на режимот на Садам Хусеин, биле познати по својата суровост. Кого тие ќе го заробат, од затвор се враќал со тешки повреди и последици од мачењата. Ако воопшто се врател.

Илјадници луѓе биле злоставувани во тајните ирачки затвори во текот на американската окупација која траеше од 2003 до 2010. година. Според истражувањето на британскиот весник „Гардијан“ и БиБиСи, зад тајните затвори и мачењето затвореници стојат двајца ветерани на американската армија: Џејмс Стил и Џејмс Кофман. Со работата на двајцата бил добро запознат и врвот на американската армија, поточно, тогашниот министер за одбрана Доналд Рамсфелд. Доколку се покаже точно, би било првпат на врвот на армијата да може да му се префрли давање налог за злоставување и мачење на затвореници. Стил и Кофман имено, своите извештаи за работата ги праќале до Рамсфелд и тогашниот командант на американската армија во Ирак, генерал Дејвид Петреус.

Искуства од Салвадор

Токму Стил веќе имал искуства во методите на мачење и сослушување, стекнати во текот на неговите поранешни мисии. Станува збор за неговата работа во средна Америка, поточно во Салвадор. САД во текот на 80-те години на минатиот век таму го финансираа делувањето на паравоените единици, а Стил како воен инструктор ги следел нивните „успеси“ на терен.

„Гардијан“ пишува дека Стил, со помш на Кофман, воспоставил сличен систем и во Ирак, со знаење на американското министерство за одбрана. Него за работата го именувал лично министерот Рамсфелд. Главна цел наводно било гаснењето на сунитскиот бунт во Ирак по падот на режимот на претседателот Садам Хусеин. Самиот Кофман во магазинот на американската армија “Старс енд стрипс“ се опишувал како „очи и уши на генералот Петреус на теренот“.

Крвави келии

„Стил и Кофман беа неразделни“, се присетува ирачкиот генерал Мунтадер ел-Самари за весникот „Гардијан“. Ирачаните во соработка со нив двајцата организирале единици кои предизвикувале страв и трепет.

„Тие двајцата добро знаеја за се‘ што се случува, вклучувајчи ги и мачењата“, тврди овој генерал.

Тој ги опишува методите на мачење: „Полицајците добро ги знаеја сите трикови. Затворениците беа врзувани за раце, мачени со струјни удари, им беа корнети ноктите, беа удирани посебно по чувствителните делови на телото“.

Но, нема индиции за учество и на самите Стил и Кофман во мачењата.

Тие двајцата досега не се изјаснија за обвинувањата. Стил сепак минатите години негираше учество во било какви акции на мачење. Генералот Петреус преку својот портпарол порача дека „сите сознанија за злоставување спроведено од самите Ирачани, ги пренесувал веднаш на за тоа надлежни места“.

CIA Direktor General David Petraeus

Генерал Дејвид Петреус

Ирачки „одреди на смртта“

„Гардијан“ во своите истражувања се повикува на искази на сведоци, проучени воени документи, но и на извештаи на двајца новинари на весникот „Њујорк тајмс“. Двајцата новинари еднаш успеале да влезат во еден од овие ирачки тајни затвори. Тие тврдат дека добро ги чуле криците на затворениците, а во собата за сослушување биле видливи траги на крв. Затворот бил под команда на специјалните единици, односно генералот Аднан Табит.

Бруталноста на специјалните единици, кои со време се‘ повеќе се претворале во единици за ликвидација, предизвикувале бројни протести во Ирак. Набљудувачите тврдат дека мачењата и убиствата на затвореници биле една од главните причини за избивање нови судири, како што пренесува германскиот онлајн портал „Шпигел“, додавајќи дека бројот на овие затвори постепено се зголемувал во времето во кое на функцијата бил министерот за внатрешни работи Џабр ел-Солаг. Според „Шпигел“, се смета дека тој притоа ги користел искуствата и структурите воспоставени од Стил и Кофман. Инаку, ел-Солаг на функцијата бил поставен со согласност на генерал Петреус, без оглед на противењето на многумина Ирачани.

Американската армија осуди неколкумина свои војници поради мачењата и злоставување затвореници во злогласниот затвор Абу Гариб. Тие кои пред судот тврдеа дека работеле на „своја рака“, добија поблаги казни, додека построго беа казнети оние кои изјавија дека мачењата ги вршеле со знаење, па и по налог на претпоставените.