1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД го одложија состанокот со Русија за Сирија

Русија жали за одлуката на САД да се одложи средбата посветена на Сирија, која требаше да се случи оваа недела. Според американскиот државен секретар Џон Кери има непобитни докази за употреба на хемиско оружје во Сирија.

„Тоа предизвикува жалење, што нашите партнери одлучија да ја откажат билатералната средба“, напиша на Твитер заменикот министер за надворешни работи Генади Гатилов. На состанокот требаше да учествуваат високи дипломати од двете страни и тој требаше да се случи во Хаг. Гатилов во изјавата на интернет додаде дека смета оти таквите разговори ќе беа посебно корисни во време „кога воената акција надвиснува над земјата“. Тој состанок требаше да резултира со меѓународна мировна конференција за решавање на проблемот во Сирија.

Американскиот Стејт департмент вчера информираше дека го одложува состанокот закажан за в среда, поради „консултации кои се во тек“ во однос на обвинувањата за напади со хемиско оружје во Сирија. САД му испратија порака на сирискиот претседател Башар ал-Асад дека тој е одговорен за минатонеделната употреба на хемиско оружје против цивилите во неговата земја. Сепак САД не се откажуваат од состанок на оваа тема со руските власти.

UN Inspektoren in Syrien 26.08.2013

Инспекторите од ОН, и покрај вчерашниот напад врз нивниот конвој, успеаја да земат примероци за анализа - дали бил употребен хемиски отров во нападот врз цивилите

„Ќе работиме со нашите руски партнери на презакажување на состанокот. Одамна разјаснивме, а настаните од 21 август дадоа поттик, дека е неопходно да се постигне сеопфатно и трајно политичко решение за кризата во Сирија“, информираше извор од Стејт департментот.

Американскиот државен секретар Џон Кери вчера вечер на прес-конференција ја нагласи јасната оправданост на американска воена интервенција во Сирија, потенцирајќи дека постојат непобитни докази за масовна употреба на хемиско оружје и разузнавачки информации дека режимот на претседателот Башар ал-Асад е одговорен за тој напад. Кери рече дека минатонеделниот напад „би требал да ја шокира свеста“ на светот.

„Убивањето на цивили, жени, деца и невини минувачи со хемиско оружје е морален срам. Според ниту еден стандард тоа не е оправдано“, рече Кери додавајќи: „Оваа меѓународна норма не може да биде прекршена без последици“. Кери нагласи и дека „ова не е однесување на власт која нема што да крие“.

Извори од американската администрација велат дека претседателот Барак Обама се’ уште не одлучил како да одговори на употребата на смртоносен гас – чекор што Белата куќа минатата година оцени дека би бил преминување на црвената линија.

Syrien Rebellen berichten von Giftgasangriff im Region Ghouta

Опозициските активисти, и пред доаѓањето на инспекторите на ОН, презентираа докази за употреба на хемиско оружје

Германската влада вчера ја повика меѓународната заедница да дејствува колективно, ако инспекторите од ОН во Сирија најдат докази за употреба на хемиско оружје во нападот од минатата среда. Портпаролот на канцеларката Ангела Меркел рече дека доказите кои биле на располагање пред мочетокот на инспекцијата се покажале како силни.

„Околностите, сликите, извештаите од сведоците и изјавите од меѓународните хуманитарни организации за жал зборуваат со многу јасен јазик“, рече портпаролот Штефен Зајберт. Тој рече и дека доколку се потврди употребата на хемиско оружје, тогаш тоа „мора да биде казнето и не може да мине без последици“.

Според сириски опозициски извори, во минатонеделниот напад, за кој постои сомнение дека е извршен со смртоносен гас, се убиени 1.300 лица.