1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

САД ги шпиoнираат европските граѓани

Една штотуку објавена студија на ЕУ ги предупредува граѓаните од последиците на т.н Клауд Компјутинг. Под плаштот на борбата против тероризмот, американските власти ги анализираат и податоците на европските граѓани.

Модерните корисници на интернет ја обожуваат новата слобода. Тие можат од кое било место и во кое било време да имаат пристап до личните или професионалните податоци. Тоа технички им го овозможува т.н „Клауд Компјутинг“. „Облакот“ е своевиден хард диск на интернет. Податоците кои обично завршуваат на приватни или на компјутери на работното место, сега се достапни онлајн. Каде тие на крајот завршуваат, во која земја се наоѓа серверот, за тоа корисниците на интернет не размислуваат многу. Но тоа би можело да се промени.
Причина е една студија која ја нарача Европскиот парламент. Стручњаците од Центарот за истражување конфликти (Centre D'Etudes Sur Les Conflits) и од Центарот за истражување на европски политики (Centre for European Policy Studies), заедно ги презентираа резултатите од истражувањето: клауд- податоците на европските граѓани на американски сервери не се сигурни од очите на трети лица. Конкретно тоа значи: под плаштот на борбата против тероризмот, американските власти „чепкаат“ и по европските податоци, и тоа сосема легално, што впрочем им го дозволуваат американските закони.

„Со студијата не сакаме да шириме паника“, коментира Томас Албрехт, пратеник  на германската партија на Зелените во Европскиот парламент. „Факт е дека американскиот Закон за заштита на податоци важи само за граѓаните на САД“, додава тој. Освен тоа, постојат и посебни закони со кои е дозволено шпионирање на граѓаните кои немаат американско државјанство. А тоа се случува очигледно често: чувствителните податоци кои се сопственост на фирмите како Мајкрософт, Амазон, Твитер и Фејсбук, американските власти целно ги истражуваат.

Патриот акт и ФИСАА

Основа  за сеопфатна анализа се безбедносните закони во борба против теророт кои се усвоени во САД по 11. септември 2001. Таканаречениот закон „Патриот Акт“ и новата верзија на "Foreign Intelligence Surveillance Amendment Act" на американските политичари широкоградо им ги проширија надлежностите и просторот на дејствување.

Тило Вајхeрт, германски стручњак за заштита на податоците, уште пред 2 години сеопфатно се занимаваше со ваквиот развој. Него овие денови често го цитираат во германските медиуми. Вајхeрт се бори Фејсбук повторно да дозволи користење на синоними како корисничко име. Во анализата за безбедноста на податоците кај американските компании, тој заклучува: „Долгата рака на американските закони досегнува и до Европа.“ Американските безбедносни служби понекогаш ги „уценуваат“ фирмите како Мајкрософт, тврди нашиот соговорник. Тие на државните служби мораат да им ги стават на располагање и оние податоци кои се наоѓаат во европските сервери. А тие податоци би можеле, на пример, да одиграат важна улога во економската шпионажа.

Dr. Thilo Weichert

Тило Вајхeрт, германски стручњак за заштита на податоците


На тој начин не би се откриле само бизнис тајните на големите компании. И граѓаните би можеле да станат цел на американските истражители, смета Вајхeрт. „Податоците би можеле да одлучуваат и при доделување на американска виза.“ Но, тоа не е се’. „Воопшто не може да се предвиди што се’  може да се случи со личните податоци“, заклучува тој.

Состојбата е сериозна

Во Европскиот парламент ваквите предупредувања се сфаќаат сериозно. Во моментов европратениците работат на нова верзија на Одредбите за заштита на податоци на ЕУ. Пратеникот од редовите на Зелените, Томас Албрехт, се залага за тоа компаниите да проследуваат податоци за европските граѓани само доколку е тоа правно регулирано. И скептичен е дали тоа некогаш ќе се случи. И во Европа има многу кои профитираат од американскиот надзор: „Европските тајни служби и полицијата се секако среќни кога Американците ќе ги снабдат со податоци за европските граѓани. Според важечкото европско право, тие самите никогаш не би смееле да се снабдат со тие податоци.“
Новите одредби за заштита на податоците би требало да биде усвоени најрано во 2014 година. Доколку корисниците на интернет во „облакот“ и понатаму сакаат да ги оставаат своите податоци, тогаш би било подобро да се решат за некој европски понудувач на Клауд Компјутинг, советува Томас Албрехт.