1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД вршат притисок на сириските бунтовници

За да ги принудат да учествуваат на планираната конференција во Женева, САД привремено ја прекинале воената помош за сириските бунтовници. Дали планот ќе успее, е прашање.

Од одлуката за прекин на воената помош се погодени бунтовниците на Слободната сириска армија (ФСА). „На почетокот на октомври ни беше соопштено дека САД на ФСА нема да и‘ даваат оружје или друг вид помош“, изјави за агенцијата ДПА Абу Ахмед ал-Хурани, командант на баталјон на ФСА во јужниот дел на Сирија.

Ваквите наводи се потврдени од страна на неименувани припадници на американските тајни служби во Аман. Запирањето на помошта во оружје, како што се вели, би требало да ги принуди бунтовниците да учествуваат на планираната конференција за Сирија, што треба да се одржи во Женева, на крајот на ноември.

Голема скепса за конференцијата

Сириската опозиција и бунтовниците се‘ уште имаат големи задршки во однос на мировните разговори кои ги форсираат САД и Русија. Првенствено се стравува од тоа дека учество на конференцијата би значело легитимирање на режимот на сирискиот властодржец Башар ал-Асад, без притоа за возврат на маса да се добијат опипливи отстапки, како што би било повлекување на Асад од власт. Опозициониот сојуз Сириска национална алијанса има намера на 9 ноември да донесе одлука за евентуално учество на конференцијата.

Во моментов, сириските бунтовици сепак не се без оружје, зашто наместо Американците сега оружје доставуваат Саудиска Арабија и други заливски држави. Нивните пратки со оружје, меѓутоа, не одат само на адреса на умерената ФСА, туку и во рацете на сунитските екстремисти и џихадисти.