1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД бараат приближување со ЕУ

Американската министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон, денеска во Брисел повика на уште потесна соработка меѓу САД и ЕУ. Токму во време на светската финансиска и економска криза тесното партнерство е неизбежно.

default

Хилари Клинтон во офанзива на шарм: Европејците и ги отворија вратите и срцата

„Ова е еден од моментите во историјата каде што немаме избор, мораме да се здружиме и да ги ангажираме најдобрите глави“, нагласи Хилари Клинтон денеска на пладне во Брисел. „Европа и САД се обединети во заедничката визија за иднината“, порача новата шефица на американскиот Стејт департмент при првата посета на ЕУ. Угледната гостинка од Вашингтон прво ја прими претседателот на Европскиот парламент, Ханс Герт Петеринг, кој се согласи дека Европа и Америка мора да ги здружат силите во актуелната криза ако сакаат подобра иднина. Тој исто така порача дека во Европа владее голем ентузијазам, кога се во прашање новиот американски претседател и таа како шеф на дипломатијата. „Изборот на Барак Обама го исполни светот со нова надеж“, порача Ханс Герт Петеринг.

Präsident des EU-Parlaments Pöttering

Срдечно добредојде за Хилари Клинтон: претседателот на Европскиот парламент, Ханс Герт Петеринг

Попладнево, Хилари Клинтон има уште серија средби со највисоките раководни структури на ЕУ, меѓу кои и координаторот на европската надворешна политика Хавиер Солана и актуелниот претседавач со Советот на министрите, чешкиот министер за надворешни работи Карел Шварценберг. Како теми на разговорите се актуелните светски жаришта како Иран и Авганистан, потоа светската економска криза, како и односите со Русија.

Приближување и со Русија

Хилари Клинтон денеска во Брисел се обиде да ги растера и сомнежите на Источните Европејци во однос на подобрувањето на односите со Русија. „Русија не смее да има право на вето што се однесува до пристапувањето на некоја земја кон НАТО или ЕУ“ , нагласи таа, но во истовреме додаде дека се радува за вечерашната средба со рускиот ресорен колега Сергеј Лавров во Женева. „Уверени сме дека има цела низа теми, каде што можеме да соработуваме, а ќе се обидеме и да најдеме што е можно повеќе заеднички интереси. Уверени сме дека ги има повеќе, отколку што тоа се тврдеше изминативе неколку години“, порача Клинтон, алудирајќи на видно заладените односи меѓу САД и Русија за време на претходната американска влада под Џорџ Буш.