1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД бараат партнер против Сирија

По британското „не“ за воен напад против Сирија, САД се во потрага по друг партнер за заедничка акција. Ако не го најдат, претседателот Барак Обама ќе биде присилен на самостојна акција.

Американскиот министер за одбрана Чак Хејгел уште еднаш истакнува дека претседателот Барак Обама преферира заеднички настап против владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

„Какви одлуки и да бидат донесени, тие треба да се базирани на меѓународната соработка и напори“, изјави Хејгел при посета на Манила на Филипините. Ако не се успее во обидот да се создаде меѓународна коалиција, може да се случи токму носителот на Нобеловата награда за мир, Обама, противник на воената политика на својот претходник Џорџ Буш, да се чувствува принуден сам да започне воена акција против Сирија.

Режимот на Асад е осомничен за употреба минатата недела на хемиско оружје во борбата против бунтовниците. Притоа загинаа стотици лица. Тоа поттикна иницијатива за воен напад како реакција, со оглед што употребата на хемиско оружје е кршење на меѓународните договори.

Надеж во француска поддршка

Францускиот претседател Франсоа Оланд денеска изјави дека гласањето од синоќа во британскиот парламент со кое беше одбиен предлогот на премиерот Дејвид Камерон за воена акција во Сирија, нема да влијае врз подготвеноста на Франција да ја „казни владата на Башар ал-Асад“ за наводното користење на хемиското оружје.

Оланд за парискиот дневен весник „Ле монд“ изјави дека поддржува „цврста акција за казна“ поради „нападот кој предизвикал непоправлива штета“ за сирискиот народ и изјави дека „тесно би соработувал со француските сојузници“.

Syrien Francois Hollande Pressekonferenz

Франсоа Оланд не се обесхрабрува

Запрашан дали Франција би преземала акција без Велика Британија, претседателот Оланд одговори: „Да. Секоја држава суверено одлучува дали сака да учествува во акција или не. Тоа важи како за Британија, така и за Франција“.

Франција пред две години учествуваше во западните воени операции против војските на поранешниот либиски водач Моамер ел-Гадафи, а на почетокот на годинава нејзините единици придонесоа за истиснување на исламистите од северните области на Мали, кои ги држеа под контрола половина година.

Подготовките сепак течат

Белата куќа нагласи дека сѐ уште не е донесена одлука за воена интервенција. Портпаролот Џош Ернест исто така навести дака САД самите би можеле да преземат акција. Претседателот во прва линија е одговорен за граѓаните на САД, рече тој.

Во меѓувреме министерот за надворешни работи Џон Кери и министерот за обрана Чак Хејгл како и други високи по ранг владини претставници во телефонска конференција ги информираа претставниците на Конгресот за можните реакции на САД во конфликтот во Сирија. Притоа владата на САД јасно ставила до знаење дека нема сомневање во употребата на хемиско оружје од страна на сириското раководство. До викендот треба да биде информирана американската јавност.

По четири дена на терен, инспекторите за хемиско оружје на ОН денеска ја завршија потрагата по докази за употреба на отровен гас во околината на Дамаск. Откако ќе ја напуштат земјата, генералниот сектретар на ОН, Бан Ки Мун, веднаш ќе поднесе извештај. Земените проби потоа треба да бидат анализирани во европските лаборатории.

Русија не попушта

Русија денеска ја поздрави одлуката на британскиот Парламент да ја отфрли можноста за воен удар против сирискиот режим, истакнувајќи дека таа одлука укажува дека јавноста се’ повеќе ја сфаќа опасноста од таков напад.

„Тоа го покажува мислењето на мнозинството Британци и Европејци“, изјави главниот советник на рускиот претседател за надворешна политика Јуриј Ушаков на прес-конференцијата.

„Воениот удар во Сирија без одобрение на Советот на безбедност на ОН би задал сериозен удар на целиот систем на светскиот поредок“, порача тој.