1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Садо-мазо роман кој го читаат жените

Романот „50 нијанси на сиво“ (50 Shades of Gray) е апсолутен хит во Германија. Пред се’ жените ја читаат љубовната приказна со садо-мазохистички елементи

Сеедно дали романот „50 нијанси на сиво“ го барате како електронска книга или како џебно издание, првиот дел од трилогијата е на самиот врв на листата на читаност во Германија. Со тоа, Германија го следи примерот на Велика Британија, САД и Канада каде британската авторка Е.Л. Џејмс ги урива сите рекорди на продажба. Ширум светот овој роман е продаден во 31 милиони примероци.

Содржината и јазикот на романот на прв поглед не се многу иновативни. 21-годишната студентка Анастазија Стил се заљубува во богатиот бизнисмен Кристијан Греј. „Тој не е само атрактивен, туку е и поим за машка убавина“, се наведува во преводот на германски. Тој  ја заведува, а студентката му се предава...

Романот на Е.Л. Џејмс нема многу сличности со јазичната жестина на еден Маркиз де Сад. Но, книгата содржи детални описи на сексуални и садо-мазо сцени. Романот, во споредба со порно филмовите кои кружат по интернет, е повеќе од безопасен, па затоа и брзо се ослободи од обвинувањата дека е благ порнографски роман. Затоа што мнозинството читатели се жени.

Buchcover Shades of Grey

Романот „50 нијанси на сиво“ се продава во рекордни тиражи

За сексологот и психотерапевт Андреас Хил тоа не е воопшто чудно. Порно филмовите ги прават мажи за мажи и тоа не е клише, туку вистина. Жените повеќе се врзуваат за приказни, особено кога тие даваат и психолошко објаснување садо-мазохистичките афинитети.

Феминистка ја брани книгата

Во германските фељтони, за книгата „50 нијанси на сиво“ се говори како за чекор наназад во еманципацијата на жените. Жената во литературата се уште е или светица или курва. Меѓутоа, Алис Шварцер, прочуената германска феминистка, ја брани книгата од ваквите критики. Кога жената пишува за машкиот садизам и за нејзините сопствени фантазии, тоа е еманципирано, тврди Шварцер.

Жената во книгата „50 нијанси на сиво“ никогаш не е сведена на пасивен објект, туку останува субјект кој мисли и прави, вели Шварцер во интервју за Франкфуртер Рундшау.

За Андреас Хил противречноста меѓу еманципацијата и потчинувањето има смисла. Бидејќи токму сега кога, барем на хартија, е достигната целосна рамноправност, има одреден шарм кога барем во фантазијата таа еднаквост повторно се нарушува. Нашето општество очигледно, во меѓувреме, толку слободно може да формулира една пред и постфеминистичка фантазија, заклучува Хил.