1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Ручек партијата“ е најопасна за бизнисот во Македонија

Во Македонија пет години се одвива „регулаторната гилотина“ за „сосечување“ на прекумерните прописи и за поедноставување на административните процедури, во полза на бизнисот и граѓаните.

Првата фаза од „регулаторната гилотина“ е целосно реализирана, втората фаза со 75, а третата со 76 отсто. Во првата фаза беа разгледани повеќе од 2000 прописи. Дополнети се, или се изменети 64 закони и 481 подзаконски акти. Во втората фаза се подготвија 54 препораки и е дополнително олеснето царинското работење. Во третата фаза, насочена кон намалување на административните оптоварувања, се усвоени 46 мерки за подобрување на бизнис-климата. Министерството за информатичко општество и администрација нагласува: „Надминати се голем дел од административните оптоварувања, со кои се соочуваа стопанствениците и граѓаните. Тоа е видливо во намалените царински давачки, издавањето дозволи, лиценци, решенија, одобренија, согласности, сертификати и изводи. Намалени се роковите за добивање на овие документи од надлежните институции, но и бројот на неопходни документи за започнување одредена постапка. Стопанствениците и граѓаните заштедуваат време и пари“.

ДВ праша: дали стопанствениците сега гледаат подалеку од „шумата“ на прописи? Дали се чувствува реално релаксирање на бизнис-климата?

Македонија е подобро рангирана од 19 земји-членки на ЕУ

Професорката по претприемништво и бизнис Марија Зарезанкова-Потевска од ФОН-универзитетот од Скопје, коментира:

„Се поставува прашање колку се реализира зацртаното. Дали се ефикасни институциите, дали се во функција на стопанството, или не? Не се чувствуваат многу ефектите од таа гилотина, затоа што институциите се уште не се подготвени да ги следат стопанството и новите промени во него. Тие не се подготвени да мислат на поинаков начин. Во услови на отворено пазарно стопанство и на криза мора се да биде во функција на економскиот развој, на опстојување на новите претпријатија. Институциите не го прават тоа. Овие чекори на Владата се повеќе формални, отколку што менуваат суштински нешто. Да се надеваме дека ќе има резултати на подолг рок“.

Ресорниот министер Иво Ивановски вели: „Деловната клима се подобрува се‘ повеќе. Светска банка тоа го кажува секоја година. Меѓу 183 земји таа не рангираше во 2012. година на 22-ро место во светот како земја каде што најлесно се води бизнис. Таа е подобро рангирана од 19 земји од ЕУ“.

Митко Алексов, извршен директор во Сојузот на стопанските комори, одговара: „Релаксирање се чувствува во секој сегмент, но, регулаторната гилотина не функционира 100-процентно во праксата. Тоа и не можеме да го очекуваме. Има повеќе сегменти каде што постои реален и очигледен напредок, но, нормално, не е се средено“.

„Коска од уста не им се пушта“

Горан Симјановски, менаџер во холандско-македонската компанија „Еуроплантс“ за производство на украсни растенија од Прељубиште, Тетовско, вели: „Има сериозен, реален и голем напредок. Регулаторната гилотина сега се применува со 10 отсто од напишаното, но и со нив е многу добро. Проблемот не е во тие што го запишаа тоа, во премиерот и оние околу него, туку во луѓето долу, на кои ’коска од уста не им се се пушта’. Има бариера од ’инспекторчиња’, од ’администраторчиња’, кои уште се борат за тоа дека и натаму имаат влијание. Тие ја отежнуваат работата. Проблемот е со тие луѓе, кои имаат ситни бенефити. Таа ’ручек-партија’ е најопасна и треба да се разбие. Треба да се притиснат инспекторските служби, но и луѓето во администрацијата, кои одобруваат дозволи и процедури. Тие треба да бидат подостапни, побрзи и пофлексибилни“.

Алексов напоменува: „Искажани се значителни забелешки за дејствувањето на инспекторите, дека треба да имаат информативна, едукативна и на крајот санкциона функција. Значителни забелешки има и за работата на извршителите, за тоа дали постои контролен механизам за начинот како функционираат извршителите, нотарите и банките. Одредени јавни претпријатија и монополи ги користат нивните услуги повеќе од 99 отсто на сметка на микро-претпријатијата и малите претпријатија, кои се доведени на работ на опстанокот“.

Во земјата има 40 илјади микро-претпријатија со по 2-5 вработени. Тие се целта на четвртата фаза на „гилотината“. Нејзините 40 мерки веќе се спроведуваат, а другите 120 мерки ќе уследат од почетокот на 2013. година.