1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Руски сигнал до Западот

На воената парада во Москва на Денот на победата над фашизмот, маршираа и војници од САД, Велика Британија, Франција и Полска. Така, свеченоста на Црвениот плоштад не беше само потсетување на антихитлеровската коалиција.

default

Помпезните воени паради на Црвениот плоштад беа неодминлив дел од прославата на празникот 9 мај од средината на 60-те години. Со нив Кремљ сакаше да ја демонстрира воената сила и статусот на светска супер-сила на Советскиот сојуз како кон внатре, така и нанадвор. Првиот претседател на Русија Борис Елцин неколку години ја изостави ваквата јавна изложба на руското оружје на 9 мај, но сегашниот премиер Владимир Путин, во времето додека беше претседател на државата од 2000 до 2008 година, повторно се врати на демонстрацијата на воена сила. Не е поинаку ни со сегашниот претседател Дмитри Медведев. На 65-годишнината од победата над хитлеровска Германија тој организираше оружено шоу од огромни размери, прикажувајќи го актуелниот арсенал оружје, од џипови до интерконтинентални ракети со атомски боеви глави. Настрана од прашањето колку воената парада беше одраз на вистинска сила, а колку фасада, таа го симболизира претендирањето на Русија на улогата на сериозна светска сила во 21 век.

Парадата овојпат содржеше нов, од претседателот Медведев и премиерот Путин, свесно изрежиран дел. Првпат заеднички со руските, маршираа воени единици од Полска, Франција, Велика Британија и САД. Причината за тоа не е само историски коректното потсетување на антихитлеровската коалиција од Втората светска војна.

Учеството на војници на НАТО на парадата во Москва е јасен надворешнополитички сигнал за денешнината и за иднината. Руското државно раководство со него сака да го подвлече политичкото приближување кон Западот и Европа. На сличен начин треба да се толкува и тоа што на крајот на парадата прозвуче последниот дел на 9-та симфонија на Лудвиг ван Бетовен, химна на Европскиот совет и ЕУ. Овие прозападни и проевропски дополнувања на Парадата на победата над фашизмот не се случајни, туку во склад со подобрените руско-американски и руско-полски односи.

Во извесен смисол, руската парада на 65 годишнината од победата над хитлеровска Германија го симболизира надворешно-политичкиот руски концепт во скратена форма: Русија, како силна светска сила, сака да стане партнер на Западот, што е добро, и за неа и за Западот.

Автор: Инго Мантојфел

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска