1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Руски егзил за разочараните Французи

Француските ѕвезди ја напуштаат татковината во потрага по даночни олеснувања. Актерот Жерар Депардје веќе доби руско државјанство, а сличен потег најавува и Брижит Бардо, иако со друг повод.

Да не беше Жерар Депардје меѓународна филмска икона, случајот можеби и немаше да привлече толкаво внимание. Како што е малку веројатно и дека руското државјанство ќе беше толку брзо издадено, доколку воопшто, да не се работеше за познат француски актер.

Се работи за таблоидна приказна која стана политичка тема, од која профитираат во прв ред Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин. Ставовите на Депардје и неговата критика за Франција ја поттикнаа и Брижит Бардо да побара руско државјанство, поради наводно незадоволство со заштитата на правата на животните во нејзината земја.

На почетокот изгледаше дека Депардје ќе емигрира во соседна Белгија, каде купи и куќа, поради високите даноци на приход во Франција. Францускиот претседател Франсоа Оланд планира, од јануари годинава, да ги оданочува милионерите во земјата со стапка од 75 проценти, и покрај тоа што уставниот совет ја запре иницијативата. Откако Депардје најави дека ја напушта Франција, премиерот Жан-Марк Ајро гестот го оцени како „непатриотски“ и „патетичен“.

Russland Sochi Sotschi Gerard Depardieu Wladimir Putin

Жерар Депардје и Владимир Путин

Истовремено, високите приходи на ѕвездите го привлече и медиумското внимание, па се отвори и дискусија за евентуалните негативни ефекти врз француската филмска индустрија.

Политички калкулации

На 20 декември минатата година Путин најави дека на својот пријател Депардје ќе му даде руско државјанство. Специјалниот указ за доделување на пасошот беше потпишан, а Депардје беше пречекан со голема церемонија во руската република Мордовија на 5 јануари.

Во Франција, пофалбите на Депардје за руската влада предизвикаа неверување и критики. Во отворено писмо до медиумите како и во видео снимка, актерот говореше за својата голема љубов кон Русија и Путин, опишувајќи ја Русија како „одлична демократија“ каде може „добро да се живее“.

За некои во Русија потегот на Путин и дарежливоста кон Депардје е политичка калкулација за да се искористи неговата популарност. Рускиот новинар Андреј Грачов, од опозициската „Новаја Газета“ смета дека Депардје го искористил своето пријателство со Путин во проблематично време за рускиот претседател. Рускиот писател Едуард Лимонов го критикуваше потегот повикувајќи го Депардје да се појави со својот нов пасош на демонстрациите на 31 јануари против органичувањето на правото на протест во земјата. Познатиот филозоф во Франција и Германија, Андре Глуксман изјави дека е засрамен од Депардје поради неговите блиски врски со Путин и со чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.

Brigitte Bardot 2007

Брижит Бардо

Нови кандидати

Потегот на Депардје очигледно мотивираше и други познати Французи да се одлучат на сличен потег. Француската актерка и промотор на правата на животните Брижит Бардо жестоко ја критикуваше одлуката да се убијат два циркуски слона во Париз. Изминативе недели и таа најави дека ќе тргне по стапките на Депардје и наскоро ќе ја посети Русија. Но списокот не завршува тука. Има најави дека и пејачката Миреј Матјо, која ужива голема популарност во Русија, размислува за нова татковина. За време на посетата лани, славната пејачка позната и како „врабецот од Авињон“ остро го критикуваше однесувањето на групата Пуси Рајот, оценувајќи дека членките на групата ја осквернавиле црквата во Москва со нивниот настап.