1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Руските сили се повлекуваат?

Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнамер денеска (18.08.08) во Стокхолм и Осло ќе води разговори со скандинавските политичари околу кризата во Грузија. Се чека на повлекување на руските сили.

default

Руските војници треба да се повлекуваат од денеска напладне

Претседавачот со ЕУ, Никола Саркози на Русија и‘ се закани дека ЕУ ќе свика вонреден самит доколку Москва не ги повлече своите трупи од Грузија, како што предвидува договорот за прекин на огнот.

Доколку Русија не се повлече од Грузија како што е договорено, последиците по односите меѓу Москва и ЕУ ќе бидат сериозни, му пренесол францускиот претседател, Никола Саркози на рускиот колега, Дмитри Медведев во телефонски разговор. Медведев вчера нареди повлекување на трупите кои во Грузија служеле како засилување на мировните сили во офанзивата. Повлекувањето треба да почне денес напладне. Според проценките во Грузија се наоѓаат околу 10 илјади руски војници.

По повлекувањето на Русија доаѓаат меѓународни набљудувачи

Вчера во Тбилиси, германската канцеларка, Ангела Меркел, објасни што треба да се случува по повлекувањето на руските сили: „Потоа меѓународните набљудувачи мора да бидат распоредени во регионот многу бргу. Рускиот претседател, Медведев тука даде ветување, но притоа не смее да има одлагање. Потребен ни‘ е хуманитарен пристап до бегалците. Тоа особено се однесува на Јужна Осетија. За бегалците мора да се отвори можност за нивно враќање.“

Дури потоа би можеле да бидат стационирани меѓународни мировни сили. ЕУ и Германија се подготвени да помогнат, а канцеларката Меркел вети финансиска помош за обнова. Грузискиот претседател, Михаил Саакашвили и‘ се заблагодари на Меркел за „храбриот дипломатски чекор“: „Благодарни сме поради посетата на храбрата германска канцеларка и за ставот кој што таа го зазеде во изминатите денови и нејзините обиди да го спречи она што се случи.“

Саакашвили се залага за меѓународна истрага

На прашањето на новинарите колку Грузија е соодговорна за ескалацијата на кризата, по средбата со Меркел, Саакашвили одговори дека за да се разјасни тоа прашање, тој се залага да биде отворена меѓународна истрага. Инвазијата на руските трупи тој ја спореди во настаните од 1968 година во Чехословачка.

Додека светот е во очекување руските сили денес да почна со повлекување од Грузија, весникот „Њујорк Тајмс“ тврди дека во кавкаскиот регион Москва и натаму распоредува оружје и војска.





DW.COM