1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Руските комунисти во подем

На 6 ноември 1991 година тогашниот руски претседател Борис Елцин ја забрани Комунистичката партија. Две години подоцна беше сепак обновена, а денес има се’ поголем број поддржувачи. Зошто?

default

Лидерот на руската Комунистичка партија, Генадиј Зјуганов

Претседателот на руската Комунистичка партија Генадиј Зјуганов ја крева заканувачки тупаницата на еден од партиските плакати. Во заднината се гледаат индустриски постројки, а покрај нив натписот: „Ние се грижиме за тоа украденото да биде вратено!“ Ова е главната порака на руските комунисти, со која сакаат да соберат што е мошно повеќе гласови на парламентарните избори закажани за 4 декември.

Пораката подразбира прво враќање на „украдената татковина“, Советскиот Сојуз, кој се распадна пред точно 20 години. Во изборната програма комунистите бараат создавање нова „унија на збратимените народи“. А освен тоа сакаат на народот да му го вратат украденото богатство. Тоа значи подржавување на цели економски гранки. Комунистите исто така бараат враќање кон социјалната политика од времето на Советскиот Сојуз со бесплатно образование и лекарско осигурување.

Tag der Revolution in Rußland

Прослава на Денот на револуцијата во Москва

Политички кам-бек

Комунистичката партија на Руската Федерација е основана во 1990 година и тоа од членови на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, кои им се спротиставија на реформите на тогашниот претседател на државата Михаил Горбачов. По обидот за пуч во август 1991 година тогашниот претседател Борис Елцин ја забрани Комунистичката партија. Во 1993 година таа беше сепак обновена, а до 2003 година претставуваше и најголема собраниска група во руската Дума. Од тогаш на ваму во рускиот парламент доминираат партии, кои му се блиски на Кремљ и на премиерот Владимир Путин.

Добар рејтинг

Заложбите на руските комунисти и денес уживаат голема поддршка од населението. Според анкетите на јавното мнение, тие на претстојните парламентарни избори би можеле да добијат дури 17% од гласовите, што би било подобрување од цели 5% во однос на претходните избори пред четири години. Со тоа комунистите би биле втора партија по големина во Думата.

За ваквата популарност на комунистите има неколку причини, смета експертот Алексеј Грашданкин од независниот Институт за испитување на јавното мнение „Левада“. „ Вкупното расположение во земјата не е толку оптимистички настроено како на изборите во 2007 година“, смета социологот Грашданкин. Тоа се должи на светската економска криза, која остави траги и во најголемата земја на светот, што се однесува до нејзината површина.

Karl Marx Denkmal in Moskau

Споменикот на Карл Маркс во Москва

Поради тоа партиите на опозицијата воопшто, а не само комунистите, сега уживаат зголемена поддршка.

Освен тоа на следните избори во декември на листите ќе се најдат помал број политички партии. „ Партијата на селаните не е повеќе во трката за гласови, а таа имаше слично изборно тело како Комунистичката“, појаснува Грашданкин и тврди дека приврзаниците на аграрната партија сега ќе им ги дадат гласовите на комунистите. Освен тоа зголемената поддршка за Комунистичката партија се објаснува и со фактот што таа е единствената вистинска опозиција во Думата. Сите други партии, на пример десно-популистичката Либерал-демократска, се однесуваат лојално кон Кремљ.

Партија на носталгичари?

Кои се во основа поддржувачите на Комунистичката партија може да се види секоја година на 7 ноември, Денот на руската револуција. На улиците тогаш излегуваат пензионери кои мафтаат со црвени знаменца. Тоа би значело дека базата на Комунистичката партија со тек на времето ќе се намалува. Тоа е така, оценува социологот Грашданкин, но исто така додава дека партијата секоја година добива и нови привrзeници и членови.

Portrait Gennady Zyuganov

Лидерот на партијата Генадиј Зјуганов

Ако ништо друго, тогаш затоа што сите кои ќе се пензионираат се соочени со големи социјални проблеми заради малите пензии, нагласува Грашданкин. Тие исто така го минале најголемиот дел од нивниот дотогашен живот во ерата на Советскиот Сојуз, кого го сметаат за социјално поправеден.

(Не)реална програма

Руските комунисти се уверени дека социјализмот не е мртов. Во долготрајната глобална економска криза тие гледаат потврда на нивната критика на капитализмот и порачуваат дека сакаат да собираат искуства од земји како Кина. Од друга страна, претседателот на партијата Генадиј Зјуганов при неодамнешната посета на Берлин посочи: „Мислам дека не треба никој да се плаши од нас. Нема да има подржавувања. Живееме во друга епоха“.

Дека комунистите се во состојба да ја согледаат новата реалност на Русија зборува и фактот што на нивните изборни листи веќе од поодамна се наоѓаат успешни бизнисмени, кои членуваат во партијата не толку од идеолошки, колку од економски мотиви. Така Зјуганов може на изборните плакати да ја крева тупаницата колку сака. „Комунистите би имале големи тешкотии да ги исполнат изборните ветувања“, оценува социологот Алексеј Грашданкин од независниот Институт за испитување на јавното мнение „Левада“.

Автор: Роман Гончаренко / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски