1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рускиот патријарх не доаѓа во Македонија поради македонско-српскиот црковен спор

МПЦ ОА не е изненадена од информациите дека рускиот поглавар Кирил нема да дојде во Македонија кога ќе претстојува на Балканот. Причина е отвореното прашање со СПЦ.

default

Рускиот патријарх Кирил

Поглаварот на Руската православна црква Кирил ќе ја заобиколи Македонија за време на неговата посета на сестринските православни цркви. Засега е потврдено доаѓањето на рускиот поглавар на Софија, можно е да престојува во Белрад и во Букурешт, но Скопје не е на мапата на неговата Балканска турнеја. Во МПЦ ОА велат дека не се изненадени од информациите дека првиот човек на Руската црква нема да дојде во Скопје.

„ Станува збор за т.н. мирни посети уредени според протокол. Секогаш кога рускиот патријарх ги посетува другите православни цркви ги посетува според протокол, се посетуваат прво постарите патријаршии а потоа помладите според каталогот во семејството на помесните православни цркви. Тоа што нашето место во тој каталог не е пополнето затоа што имаме отворени прашања за нашиот статус и име е причина што рускиот патријарх нема да ја посети МПЦ ОА“,  објаснува за Дојче Веле, владиката Климент.

МПЦ веќе две години чека одговор, СПЦ молчи

Спорот со српската црква кој се наметнува како главна и единствена причина за непризнатиот статус на МПЦ е сеуште актуелен. Македонските црковни кругови имаа големи очекувања од српскиот поглавар Иринеј.  Пред две години кога тој стана Патријарх големи беа надежите дека по долгогодишен застој дијалогот ќе тргне во позитивна насока. МПЦ го направи првиот чекор. Официјално побара разговор за отворените прашања.

Orthodoxe Bischof Kliment

Македонскиот владика Климент

„Има една придушена официјална корепсподенција меѓу двете цркви. Ова го велам затоа што пред неколку години е испратено писмо за мирна иницијатива за продолжување на дијалогот. До ден денешен, одговор на таа мирна иницијатива на МПЦ за возобновување на црковниот дијалог со СПЦ, не е добиен. Така што стои едно големо затишје“, изјави владиката Климент. 

Декларативно и српскиот и македонскиот државен врв речиси редовно при заедничките контакти и средби, пред јавноста упатуваат апел до двете цркви за решавање на отвореното црковно прашање кое ги обременува добрососедските релации меѓу македонскиот и српскиот народ.

Вранишковски- камен на сопнување

Но и покрај сите импулси факт е дека до сега не само што нема никакво придвижување во насока на наоѓање решение, туку црковен Белград намаса го стави за МПЦ единствениот неприфатлив услов. Вранишковски.

„Цврство е изграден ставот и едномислен меѓу сите членови на Светиот архиерејски синод дека за Вранишковски може да се разговара но не и со Вранишковски“, вели владиката Климент.

За МПЦ црквата на Вранишковски е обид да се негира црковната реалност во Македонија. Тој став ќе остане се додека  луѓето во ПОА не се покајат и вратат во црквата која ги крсти и ракоположи. Според ова толкување може  да се очекува дека спорот со СПЦ ќе потрае. Поголемиот број аналитичари сметаат дека отвореното прашање не е црковно туку политичко и оти ќе биде затворено дури откако ќе се реши спорот за името на државата со јужниот сосед.