1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рускиот парламент побара признавање на Абхазија и Јужна Осетија

Среде меѓународната криза околу Грузија, двата дома на рускиот парламент денеска едногласно изгласаа декларации со кои се бара од Претседателот Дмитри Медведев да ги признае двете отцепени покраини на Грузија.

default

Претседателот на Горниот дом на рускиот парламент, Сергеј Миронов


За пратениците во Горниот и Долниот дом на рускиот парламент нема воопшто дилема: Грузија е агресор, кој на почетокот на август изврши геноцид врз населението на Јужна Осетија. Поради тоа не им падна тешко едногласно да ги усвојат декларациите со кои од Претседателот на државата Дмитри Медведев се бара да ја признае независноста на двете отцепени грузиски покраини. Тие меѓународно-правно не се уште од никого признаени, иако фактички функционираат одвоено од централната грузиска власт уште од почетокот на 90-тите години, кога преку граѓанска војна се отцепија од неа. Кога грузиската армија се обиде на почетокот од август насилно да ја присоедини Јужна Осетија, руската војска возврати со контра офанзива.


Реакцијата на руската армија беше соодветна


„Немаме никакво сомневање дека руската акција беше апсолутно соодветна и законска. Таа беше реакција на агресијата од Господинот Саакашвили. Тој ја дестабилизираше ситуацијата!“ – изјави денеска во Москва претседателот на руската Дума, Борис Гризлов.


Во воениот судир животот го загубија околу 2.000 лица, десетици илјади ги напуштија домовите, а настрада и инфраструктурата на земјата. Моментално руски сили се наоѓаат во отцепените покраини, како и делумно уште во централното подрачје на Грузија.


Соживотот е неможен


Воените дејства оставија и други трајни последици, смета претседателот на Горниот дом на рускиот парламент Сергеј Миронов:


„Односите меѓу Грузија и регионите Абхазија и Јужна Осетија се неповратно разурнати по агресијата на грузиската војска. Луѓето не можат да живеат во иста земја со оние, кои живи ги палеа нивните роднини, кои ги газеа со тенкови и стрелаа врз нив. Грузијците им стрелаа в грб на нашите војници и убиваа ранети. Народите на Јужна Осетија и на Абхазија имаат право на независност.“


Тбилиси не гледа правна важност на одлуката


Одлуките на двата дома на рускиот парламент немаат никаква правна тежина, веднаш одреагира грузискиот Министер за реинтеграција, Темур Јакобашвили. Двете покраини не можат да станат независни држави преку одлуки на рускиот парламент. Претседателот на Грузија Михаил Саакашвили ја предупреди Русија да не носи одлука за признавање на независноста на двете покраини. Тоа би бил обид со сила да се менуваат границите во Европа, што ќе има катастрофални последици – нагласи Саакашвили.


Берлин ја критикува одлуката на рускиот парламент


И германската влада побара од рускиот Претесдател Дмитри Медведев да не го прифати барањето на парламентот. Декларациите на двата дома се во спротивност со принципот на територијален интегритет на Грузија и затоа не се соодветни за намалување на напнатоста или смирување на ситуацијата – порача портпарол на владата во Берлин. Наместо тоа, владата на канцеларката Меркел бара од Русија да го доврши потполното повлекување на воените единици, како што стои запишано во мировниот договор.