1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рускиот парламент одобри испраќање трупи во Украина

Горниот дом на рускиот парламент го прифати барањето на претседателот Владимир Путин за испраќање воени трупи на територијата на Украина. Кличко бара „национална мобилизација“ поради руската агресија.

Барањето на Владимир Путин воено да интервенира на територијата на Украина е едногласно прифатено од горниот дом ткн. Федерален совет на рускиот парламент.

„Во врска со вонредната состојба во Украина и заканата по живот за руските граѓани, барам од Федералниот совет дозвола да се употребат трупите на Руската федерација на територијата на Украина сѐ додека не се нормализира политичката состојба во таа држава“, гласеше барањето на Путин.

Барањето на Путин, и претходните апели на прорускиот премиер на Крим практично се потврда на претпоставките дека воените единици кои ги окупираа виталните државни и воени објекти во Крим во изминатите два дена биле руски.

Претставник на Кремљ, во обид да ги ублажи тензиите, попладнево соопшти дека прифаќањето на барањето не значи дека тие набрзо ќе бидат испратени.

Во одлуката за испраќање на руската армија во Украина не се наведува на која територија точно се мисли. Прашање е дали таа се однесува само на регионот на Крим, или пак и на источните делови на Украина, кои се сметаат за упоришта на проруските политичари.

Проруски протести

Ukraine Russland Konflikt Krim 1.3.14

Проруски протести во Крим

Во повеќе градови на истокот и југоистокот на земјата денеска се одржаа масовни демонстрации против новата власт во Киев. Во Харков, Одеса и Доњецк илјадници, носејќи руски знамиња изразија поддршка за случувањата во Крим. Во Харков дојде и до судири меѓу проруските демонстранти и поддржувачите на новите власти во Киев во кои имало неколкумина повредени лица.

Вршителот должноста претседател на Украина, Олександер Турчинов свика седница на националниот совет за безбедност, додека пратеникот Витали Кличко, кој беше еден од лидерите на протестите против Јанукович, го повика парламентот да ја мобилизира армијата поради „руската агресија против Украина“.

Дипломатските напори за смирување на тензиите засега се сведуваат на апели на европските политичари. Министрите за надворешни работи на ЕУ за в понеделник закажаа итен состанок на кој ќе се расправа за состојбата во Украина. Обидот на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун да влијае на смирување со испраќање на свој пратеник во Крим, исто така се покажа неуспешен. Дипломатот Роберт Сери денеска соопшти дека се откажал од својата мисија да отпатува во Крим каде би се обидел да влијае за намалување на тензиите. Сери вели дека големите тензии на полуостровот ја направиле невозможна неговата посета, па од Киев, каде што престојувал, одлучил да се врати во Женева.