1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Руската блокада за Сирија попушта

Русија се чини попушта во цврстиот став за Сирија. Воена интервенција за вето-силата во ОН не е опција, но во Москва расте критиката за режимот на Асад.

Преку руската телевизија министерот за надворешни работи Сергеј Лавров викендов (17/18.03) изрази зачуденост. Во Сирија се спроведуваат политички реформи и истовремено продолжуваат борбите меѓу владините сили и вооружените опозициони групи. Насилството, смета Лавров „без сомнение многу често се применува несоодветно“.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во понеделникот (19.03) во интервју за еден весник оцени, дека критиката на Лавров маркира „почеток на промена на политиката на Москва“ во однос на сирискиот претседател Башар ал-Асад. И неговиот француски колега, министерот Алан Жипе, со став дека има „мали промени“ во руската политика кон Сирија.

Москва се дистанцира од Дамаск

Sergej Lawrow Außenminister Russland

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров

Факт е дека зачестуваат знаците, дека Русија би можела да го омекне цврстиот став во сирискиот конфликт. Неодамна шефот на руската дипломатија изрази жалење дека владата во Дамаск не ги спровела навреме руските препораки. Неговата земја не го поддржува режимот на Асад, туку принципот на праведност, смета Лавров. Со ова се чини Русија се дистанцира од Асад, кој е изложен на се’ посилна меѓународна критика поради бруталните акции против опозицијата.

Осен ова, Москва, барем вербално, ја поддржува мисијата на поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, кој се обидува да посредува меѓу сириската влада и бунтовниците. Само пред неколку недели, руските дипломати не присуствуваа на средбата на т.н. „Пријатели на Сирија“, на која претставници од 60 нации го назначија Анан за специјален претставник за Сирија.

Во историјата на погрешна страна?

Fejodoer Lukjanow, Gastkommentar Russish

Фјодор Лукјанов

Западните набљудувачи оценуваат дека досегашниот непопустлив став на Москва има внатрешнополитички причини. Сега, неколку недели по претседателските избори на почетокот на март, се чини дека Москва се придвижува по сириското прашање. Фјодoр Лукјанов, издавач на московското списание „Русија во глобалната политика“ ја потврдува оваа промена, но тој не гледа поврзаност со претседателските избори. „Во Москва многу повеќе се увиде, дека режимот на Асад нема иднина“, појаснува Лукјанов. Притисокот врз сирискиот претседател е голем. Освен ова „направил премногу грешки“. Но и ставот на Западот, пред се’ на САД се промени, смета московскиот експерт. „На Запад расте загриженоста околу тоа што ќе дојде по Асад“, смета Лукјанов.

Margarete Klein

Маргарете Клајн

Маргарете Клајн, експерт за Русија во берлинската фондација Наука и политика, смета дека е важно „западните и арапските држави да и’ предочат на Русија дека самата се изолира доколку малку не го смени ставот“. Русија ќе увиди „дека стои на погрешната страна на историјата“, формулираше неодамна германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Експертот Клајн дополнува: „Се чини дека може да се почувствува, дека руската страна е свесна за оваа опасност“.

Потрага по компромис во Советот за безбедност на ОН

Москва се‘ уште има заштитничка рака врз режимот на Асад. Русија, како вето-сила во Советот за безбедност на ОН, никогаш нема да се согласи на воена интервенција во Сирија, се вели во руското министерство за надворешни работи. Русија и Кина веќе двапати блокираа резолуција, бидејќи тие, според нивни гледишта, не биле урамнотежени и ја осудувале само сириската влада, не и бунтовниците. Во Советот за безбедност на ОН се вршат советувања за нова резолуција. Доколку има нови докази за повреда на човековите права на сириската армија врз цивилното население, за Русија ќе биде се’ потешко, да ја оправда својата блокада, согласни се и западните и руските експерти.

Компромис во Советот за безбедност на ОН би бил можен, смета експертот од берлинската фондација Клајн. „Она за што би можело да постои согласност е пристап на хуманитарната помош од сите страни“. Клајн не исклучува, дека Москва би можела да се согласи на смена на власта во Дамаск, под услов да не изгледа дека таа била извршена однадвор. И рускиот експерт Лукјанов смета дека е можно, Русија и Западот да најдат заедничка позиција. Москва со својот цврст став веќе реализираше една цел: „На сите јасно им стави до знаење, дека без руска согласност, нема да има легитимно решение во Сирија“.