1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Русија ќе и’ го даде ветеното на Украина - ама таа има долг

Русија ќе се придржува до ветувањата и ќе ја даде втората транша од ветените 15 милиони долари на Украина. Парите не биле исплатени, оти земјата чекала уплата на долг за испорака на гас во висина од 2,7 милиони долари.

„Ќе го исполниме она што и’ го ветивме на Украина, но би сакале украинската страна да ги исполни обврските кон нас на кои се обврза“, изјави рускиот министер за финансии Антон Силуанов. Тој додаде дека Украина требала да го исплати долгот до крајот на јануари, но не го сторила тоа.

Изјавата дојде откако беше објавено дека вчеравечер во Сочи се одржала тет-а-тет средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Виктор Јанукович. Средбата ја потврди советникот за надворешни работи на Путин, Јуриј Ушаков.

„Имаше контакт за време на настаните околу Олимпијадата. Тоа беше тет-а-тет средба за време на отворањето на Олимпијадата“, изјави Ушаков, одбивајќи да даде повеќе информации за што се разговарало на средбата и дали биле постигнати некакви договори.

Тој разговор јавноста го очекуваше со нестрпливост, поради долгата политичка криза во Украина предизвикана поради тешката економска ситуација во земјата и поради решението на претседателот Јанукович да го суспендира потпишувањето на Спогодбата за приближување со Европската унија. Тоа и земањето на заем од Русија за опозицијата е напуштање на европскиот курс и свртување на Киев кон Москва.

Од ноември, кога почнаа протестите во Киев, загинаа тројца демонстранти и двајца полицајци, додека повеќе од 500 луѓе се повредени.