1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Русија ја чека уште многу работа

Пред точно една година (22.8.2012) Русија и‘ пристапи на Светската трговска организација. Но досега не стекна многу симпатии, туку со неколку постапки предизвика незадоволство кај многу партнери во СТО.

Никому не му е до големо славење. Русија сѐ уште не е сигурна дали влезот во Светската трговска организација (СТО) е добар потег за руската економија. Од друга страна, на лицето на нејзините трговски партнери може јасно да им се прочита разочарување. „Русија се однесува токму обратно од она што треба“, изјави во 2012 година европскиот комесар за трговија Карел де Гухт. Русија очигледно го пречу тоа предупредување.
Поводот за предупредувањето на Де Гухт беше воведувањето на такса за рециклирање за увезени автомобили во Русија, и тоа само неколку дена по пристапувањето на земјата во СТО. Во почетокот на јули 2013. Брисел сериозно се загрижи поради тоа и му упати на СТО официјален протест. Според важечките закони, двете страни сега имаат 60 дена време да го решат спорот. По истекот на тој рок, би можело да биде оформена т.н. арбитражна комисија. Таа постапка би можела да потрае и неколку години, а во неа Москва би имала „полоши карти в раце“.

Долг и тежок процес

Некогашниот СССР во 1986 година побара статус на набљудувач во Општиот договор за царина и трговија (ГАТТ), организација од која подоцна е создадена Светската трговска организација. Официјалните преговори за пристап започнааа во 1993 година. На Русија и беа потребни цели 19 години да стане членка на СТО. Во август минатата година таа конечно стана 156. членка на Светската трговска организација. „Руската политичка елита со години немаше никакво мислење на тема СТО. Дотолку повеќе, од Москва пристигнуваа противречни изјави, а во зависност од тоа кој е на власт, процесот на придружување се забрзуваше или забавуваше“, се потсетува професорот по економија Симон Евенет од Универзитетот Сент Гален.
„Прописите на Светската трговска организација за заштита на интелектуалната сопственост или прифаќање на СТО како врховен судија- тоа се теми поради кои тој процес толку долго се одолговлекуваше“, објаснува Рајнер Линднер од Одборот за источните земји во Германското здружение на стопанственици. Русија долго не сакаше да ги прифати таквите правила.

Неодобрување на руската трговска политика

Една година по влезот во СТО, изгледа дека Русија сѐ уште таму не се чувствува како дома. Сепак, постојат многу вонредни правила и преодни рокови кои овозможуваат процесот на прилагодување да помине без проблеми. Русија, за вкупно 25 индустриски гранки, побара различни мерки за да може со нивна помош да ги заштити сопствените економски интереси. На многу трговски партнери тоа им е трн в око кој предизвикува конфликти. Сѐ поголем проблем се појавува на пример во автомобилската индустрија.
Иако Русија во меѓувреме ја намали царината на автомобили, таа воведе такси за нивна рециклажа кои би требало да ги покријат загубите од намалување на царината, и кои ги погодуваат пред се' увезените автомобили. Таа такса изнесува меѓу 420 и 2.700 евра за нови и меѓу 2.700 и 17.200 евра за половни автомобили, постари од 3 години. Дека овие износи се несразмерно високи, се критикува во круговите на ЕУ и се повикува на тоа оти, на пример, за рециклажа на возила во Холандија се потребни само 37 евра. Автомобилите и автомобилските делови се меѓу најважните извозни артикли од ЕУ во Русија.

Со извоз во Русија атомобилската идустрија годишно остварува промет во висина од 10 милијарди евра. По воведувањето на таксата за рециклажа во септември 2012. тој извоз падна за 87 проценти, и тоа иако рускиот пазар за автомобили бележи раст. Фолксваген, на пример, во првата половина на 2013. забележи пад на прометот од 5 проценти.
„Тоа однесување не е во согласност на правилата на СТО“, повторува Рајнер Линднер. Инаку, таксата за рециклажа не е прва спорна одлука која во првата година на руското членство во СТО ги поттикна нејзините партнери на негодување. Поради промената на еден закон за хигиена, во Русија не смее да се увезува замрзнато месо од ЕУ, Канада и од САД. Еден од резулатите на таа одлука е дека извозот на свинско месо од Германија во Русија во првиот квартал на 2013. падна за една третина. Русија во меѓувреме одложи и уште еден кофликт.

Во средината на август, Москва за еден месец го одложи воведувањето на новото правило за прекуграничен промет на камиони. Русија го разгледува воведувањето на дополнителни финансиски гаранции за странски камиони. Тоа би можело превозниците дополнително да ги оптовари, како финансиски, така и бирократски.

Влезот во СТО - добар или лош за Русија?

Според резултатите на „Леваде“, руски институт за истражување на јавното мислење, во 2003. година 59 проценти од руското население сметало дека влезот во Светската трговска организација е во интерес на Русија. Минатата година, такво мислење имале само 44 проценти од населението.
Сепак, многу стручњаци сметат дека тоа долгорочно би можело да има позитивен ефект. „Русија од влезот ќе има полза бидејќи ќе ги усвои начелата на СТО како што се праведност, отсуство на дискриминација и транспарентност“, вели професор Симон Евенет. Покрај тоа, смета тој, Русија ќе ја подобри и сопствената економија, така што својата индустрија ќе ја направи поконкурентна. Од друга страна пак, на Германија, на пример, и' е потребна како силен пазар. Но од јануари до септември 2013. германскиот извоз во Русија, во однос на минатата година, порасна за само 1,3 процент.