1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија презема водечка улога во Сирија?

З. Јордановски/кк/дпа/афп23 септември 2015

Престројувања на Блискиот Исток, нови алијанси против Исламската држава. Рускиот ангажман добредојден за САД? Од што стравуваат Турција и Израел?

https://p.dw.com/p/1GaqC
Фотографија: Reuters/RIA Novosti/M. Klimentyev

Москва деновиве е центар на интензивна дипломатска активност во врска со ситуацијата во Сирија и целиот Блиски Исток. Денеска во рускиот главен град доаѓа претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган, вчера таму беа на разговори претседателот на Палестинците Махмуд Абас и иранскиот заменик-министер за надворешни работи Хусеин Амирабдулахиан, а ден пред тоа гостин беше и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Ердоган доаѓа во Москва во еднодневна посета, чиј официјален повод е давањето во употреба на нова, голема џамија, градена и со помош на Турција. Но, клучен момент секако е разговорот со рускиот претседател Владимир Путин. Според турски медиуми, Ердоган ќе ја изнесе загриженоста во Турција со оглед на засилениот руски воен ангажман во граѓанската војна во Сирија. Во едно ТВ-интервју премиерот на Турција Ахмет Давутоглу ја означи ситуацијата како „многу опасна“. Цел на турската политика во однос на Сирија е развластување на Башар ал-Асад, додека Русија, пак, е еден од најважните сојузници на сирискиот претседател.

Поддршка од Иран за рускиот предлог

Иран го поздрави рускиот предлог за создавање меѓународна коалиција против терористичката милиција Исламска држава (ИД) и искажа готовност за заеднички акции. Итно е неопходен единствен фронт против ИД, рече вчера во Москва иранскиот заменик-министер за надворешни работи Хусеин Амирабдулахиан. Иран, како и Москва, го поддржува „економски, политички и војнички“ спорниот сириски претседател, што не значи и дека испраќа војска или вооружени сили, како што неодамна рече самиот Асад. Иран опстојува врз учество на Асад во политичкото решение на конфликтот кој беснее од 2011 година.

Стравувањата на Израел

Руската воена помош за сириската влада буди стравови во Израел од несакан, а можен израелско-руски воен инцидент во самата Сирија, како и од тоа, руско оружје да не се најде во несакани раце. Премиерот Бенјамин Нетанјаху отиде во понеделникот во Москва за, како што самиот изјави, „да нема никакви недоразбирања меѓу нашите земји“. Со претседателот Путин договорија механизам за координирање на воените акции во Сирија, за да се избегне конфронтација на воените воздухопловства на двете земји. Израел од 2013 година десетина пати нападнал од воздух магацини за оружје и транспорти на воен материјал во Сирија и во граничниот регион кон Либан, за да спречи испорака на високоразвиени системи на оружје на шиитската милиција Хезболах. Иран повеќе пати се обиде да го снабди Хезболах со ракети СА-22, кои Русија им ги испорачува на Сирија и на Иран. Тие противвоздушни ракети можат значително да го ограничат дејствувањето на израелската авијација. Иако преку договорот за атомската програма придонесе за јакнењето на регионалната позиција на Иран, Русија сепак може и да влијае врз него за поголема водржаност.

Syrien Satellitenbild zeigt russische Flugzeuge auf Luftwaffenstützpunkt bei Latakia
Сателитски снимки од руски авиони во ЛатакиаФотографија: Reuters/www.Stratfor.com/Airbus Defense and Space

Русија го јакне военото присуство во Сирија и помошта за Асад

Од почетокот на претходната недела американски владини извори јавуваат за се’ поголемо руско воено присуство во Сирија. Москва наводно уредува воздухопловна база во пристаништето Латакија, кое е под контрола на владините трупи. Официјално досега е познато само дека руската воена морнарица има база во Тартус. Во изминатите недели Русија ги засили испораките на воен материјал за владата во Дамаск. Според американски наводи, Русија има стационирано во Сирија 28 борбени авиони и 20-ина борбени и транспортни хеликоптери, како и беспилотни дронови. Рускиот весник „Комерсант“, повикувајќи се на разговори со војници од базата на руската морнарица во Тартус, известува дека таму веќе има околу 1700 руски воени специјалисти. Освен тоа, започнала и испораката на борбени авиони за сириската армија, суспендирана во август 2013 година поради платежни проблеми на Сирија, која треба да добие од Русија 12 ловци МиГ 29М/М2 и 36 тренажни авиони Јак 130.

Американско-руско приближување

САД ја предупредија Русија да не се впушта во воена интервенција во Сирија. Но, во меѓувреме се навестува готовност за разговори на обете страни. Пред неколку денови американскиот министер за одбрана Ештон Картер го замоли рускиот колега по функција Сергеј Шојгу за координација на американските напади против ИД. Русија очигледно сака да заземе водечка улога во сириската војна. САД досега не постигнаа многу со своите акции против Исламската држава. Весници од арапскиот свет претпоставуваат дека САД и не сакаат да имаат водечка улога во борбата против ИД, ниту подлабоко да бидат вовлечени во сирискиот конфликт. Затоа руската борба против ИД им е добредојдена, иако САД се против режимот на Асад. За разлика од американскиот претседател Барак Обама, Путин разговара со секого во регионот и се’ повеќе расте политичкиот престиж на Русија. Ако таа успее да ја потисне или во голема мера да ја уништи ИД, ќе биде потребен долготраен политички ангажман во Сирија и регионот. Притоа ќе биде битно Иран и Хезболах да се наведат на нов однос кон Израел. Тоа веројатно исто така била тема на која Нетанјаху разговарал со Путин.