1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Русија треба да го почитува договорот

ЕУ на први септември ќе одржи вонреден самит за дефинирање на својот став кон кавкаскиот конфликт. Западните земји бараат целосно повлекување на руските трупи од Грузија според постигнатиот договор.

default

Руските војници при повлекување од Грузија

На самитот на ЕУ во Брисел ќе се расправа за иднината на односите меѓу ЕУ и Русија, се вели во соопштението на францускиот претседател и претседавач со Унијата Никола Саркози.

Конфликтот води кон натамошни напнатости меѓу западот и Русија. За разлика од тврдењето на Москва дека руската војска целосно се повлекла според договорот, САД, Франција, Велика Британија и Германија сметаат дека повлекувањето не е целосно и бараат негово итно спроведување.

Присуство на стратешки важни точки

И покрај тврдењето дека целосно се повлекле од централното подрачје на Грузија, руските трупи сеуште држат стратешки важни точки, меѓу нив пристаништето Поти. Образложението гласи дека тоа се прави заради заштита на цивилното население и спречување саботажи. Горниот дом на Рускиот парламент денеска од претседателот Медведев побара признавање на независноста на сепаратистичките региони Абхазија и Јужна Осетија.

Франција, САД, Велика Британија и Германија го критикуваат досегашното повлекување на руските воени сили како недоволно и несоодветно на договорот за прекин на огнот. Мировниот план на ЕУ од шест точки предвидува само временски ограничено присуство на руски патроли долж границата со Абхазија и Јужна Осетија, додека тие не бидат заменети со меѓународни мировници, тврди Брисел, што Москва го демантира.

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер апелираше до Москва да ги ослободи сите важни копнени и поморски сообраќајници, барајќи од својот ресорен колега Сергеј Лавров да се придржува кон договорот.

Штајнмаер и Лавров се согласиле за испраќање 20 дополнителни набљудувачи од ОБСЕ во кризниот регион.

Пристигна американски воен брод

Ситуацијата во Грузија и натаму е напната во многу места. Грузиските воени сили ја презедоа контролата над градот Гори, но таму вчера експлодираше товарен воз полн нафта. Грузиските власти тврдат дека инцидентот настанал од мина која ја поставила руската војска. Десет од триесетте вагови изгореа во пожарот, а човечки жртви немаше.

Во меѓувреме во грузиското пристаниште Батуми пристигна првиот американски воен брод. Како што соопшти владата во Вашингтон, со него е донесена хуманитарна помош за грузиското население, меѓу другото кебиња, храна и производи за лична хигиена. Капетанот на бродот го тврди истото:

„Овде сме навистина во хуманитарна мисија“ изјави капетанот Мек Фол.

Два други бродови на американската морнарица ќе стигнат овие денови. Рускиот Генералштаб остро го критикуваше присуството на НАТО во Црното Море. Генералот Ноговицин изјави дека тоа не е во функција на стабилизирање на состојбата во регионот.




DW.COM