1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Русија протера американски новинар

Првпат по крајот на Студената војна еден американски новинар е протеран од Русија. Дејвид Сатер не смее да влезе во Русија во наредните пет години, соопшти Москва.

Профилираниот новинар и автор Дејвид Сатер, според сопствени наводи, е протеран од Русија. Тој известуваше од Москва во период од речиси една деценија. Меѓу другото, Сатер е советник на Радио Слободна Европа. На почетокот на декември тој отпатува во Киев за да известува за протестите на украинската опозиција против претседателот Јанукович. Потоа почнаа проблемите, изјави портпарол на Радио Слободна Европа. На Сатер, имено, му било забрането да се врати назад во Русија. Од страна на службеник во рускиот конзулат во Киев му било објаснето дека тој во Русија не е пожелен.

Руското министерство за надворешни работи попладнево (14.01) соопшти дека американскиот новинар не смее во наредните пет години да влезе во Русија поради „тешко кршење“ на правилата за добивање виза. Сатер повеќе денови престојувал во земјата илегално и предоцна се појавил кај службите надлежни за прашања на странци во Москва, се вели од Министерството.

Американската амбасада во рускиот главен град вложи протест поради протерувањето на Сатер и побара заземање став за случајот. Американскиот амбасадор во Русија, Мајкл Мекфол, барал објаснување од рускто Министерство за надворешни работи. Раководството на Радио Слободна Европа и новинарски здруженија и организации се жалат на повреда на правото на слободно информирање и слобода на печат.

Дејвид Сатер беше дописник од Москва уште во времето од 1976 до 1982 година, кога пишуваше за „Фајненшл Тајмс“. Подоцна беше известувач за американски „Волстрит Журнал“. Освен тоа, тој има објавено неколку критички книги за Советскиот сојуз, за односот кон комунистичкото наследство, за руската мафија и за руската тајна служба ФСБ. Сатер има предавано и на неколку американски универзитети на тема - руска политика.