1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Русија налутена по американскиот напад во Сирија

Американскиот напад врз сириска воена единица повторно повод за жестоки реакции од Москва. Со тоа се отежнуваат и преговорите за Сирија во Женева, каде и без тоа нема приближување меѓу страните.

Сирија и Русија остро го осудија американскиот напад врз сириска владина единица во јужниот дел од земјата, во која владее граѓанска војна.

„Ова е повреда на суверенитетот на Сирија“, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Генади Гатилов во Женева. Според него, нападот нема ништо заедничко со борбата против тероризмот и ги оптоварува сириските мировни разговори во Женева и во казахстанскиот главен град Астана.

„Не станува збор само за напад врз Сирија и Сиријците, туку и врз Женева“, напиша на Фејсбук претседателот на Комисијата за надворешни работи во советот на Руската Федерација, Константин Косачев.

Во воздушен напад на американската авијација врз единица на сириската армија и нејзините сојузнички милиции, според активисти од теренот, биле убиени осум лица. Коалицијата прдводена од САД, која се бори против Исламска држава, според сопствени наводи, ја нападнала групата бидејќи се движела во близина на границата со Ирак, во рамките на „зона на деескалација“. На страната на сириската војска во граѓанската војна се борат и милиции од Либан, Ирак и Авганистан, финансирани од Иран.

Неименуван извор од сириската армија изјавил за агенцијата Сана дека оваа „агресија“ е доказ во колкави размери се погрешни тврдењата на „т.н. меѓународна коалиција“. Нападот покажува постоење на „американско-ционистички план,“ истакнува изворот. Изразот „ционисти“ сириската пропаганда го  употребува за Израел.  

Според Косачев, САД се иритирани од фактот што не учествуваат на преговорите во Швајцарија.Од вторникот во Женева повторно се бара политичко решение за преку шестгодишниот конфликт со близу 400.000 загинати во Сирија. Меѓутоа, засега нема никакво приближување меѓу конфликтните партии. Сирискиот преговарач Башар ал-Џафари по средбата со специјалниот ополномоштеник на ОН за Сирија, Стафан да Мистура, изјави дека оваа недела разговорите се водат само на експертско ниво.

Формално, во Сирија владее примирје. Русија и Иран како сојузници на владата, и Турција, како поддржувач на опозицијата, во преговорите околу Сирија во Астана се договорија за формирање„зони на деескалација“.

 

DW.COM