1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Русија и Катар добитници, ФИФА губитник

Радоста во Русија и Катар е огромна. Двете земји ја добија организацијата на Светските првенства во 2018 и 2022 година и можат да учествуваат во мундијалскиот бизнис вреден милијарди. Голем губитник, наспроти тоа, е ФИФА

default

Имиџот на Светска фудбалска федерација претрпе големи загуби во изминатите денови. Транспарентноста и веродостојноста не играа никаква улога во скандалозниот избор на Извршниот комитет на ФИФА, или со други зборови - фудбалската светска влада.

Уште еднаш се наметнува сомневањето за самоволие. Така, двајца членови на Извршниот Комитет не смееја да учествуваат во гласањето поради сомневања за корупција. И за други тројца членови на Комитетот исто така постојат сомневања за примање мито, но ФИФА за тоа не презема ништо. Дали ФИФА тука постапи со двоен аршин?

Дали победија најдобрите кандидати?

Сега веројатно се закануваат судски спорови со голем потенцијал за бламажа на Светската фудбалска федерација.

Германскиот член на Извршниот комитет на ФИФА, Франц Бекенбауер, покрај тоа, истакна дека било голема грешка, да се доделува организацијата на две СП во еден ден.

„Кајзерот“ во тоа има право, бидејќи уште пред гласањето имаше жалби поради нечесни договори меѓу одделни кандидати и можни манипулации. Се говореше дури и за бескрупулозен натпревар. Затоа, останува нејасно дали навистина и победиле најдобрите кандидати.

Потребна е структурна обнова на ФИФА

Доделувањето на организацијата на Мундијалите, значи, прерасна во фарса. Не фудбалски критериуми, туку финансиите го имаа главниот збор. Во прашање е доведена веродостојноста на Светската фудбалска феедрација. За да ја поврати загубената доверна, итно е потребна структурна обнова на ФИФА, под раководство на претседателот Јозеф Блатер. Но, изгледи за такво нешто во Федерацијата, искрено, не можат да се препознаат.

А остануваат и организаторските проблеми. Светско првенството во огромната Русија со девет временски зони и Мундијалот во малата пустинска држава Катар со невообичаено високи температури, ги соочуваат сите одговорни со огромни предизвици.

Автор на коментарот: Арнулф Бечер

Превод: Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска