1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Русија и Арапската лига сакаат да посредуваат во Сирија

Русија и Арапската лига стартуваа нова иницијатва за решавање на сирискиот конфликт. Заеднички го повикаа раководството во Дамаск, конечно да започнат дијалог со опозицијата.

Генералниот секретар на Арапската лига, Навил ал Араби ја повика Русија да го употреби своето влијание врз раководството во Дамаск за мировно да се реши конфликтот во Сирија. Ал Араби во Москва рече: „Русија има многу добри врски со владата во Дамаск. Се надеваме дека ќе ги искористи овие блиски врски, за да ја убеди владата во Дамаск дека може да и се стави крај на кризата само на мирен начин, преку дијалог.“

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров нагласи дека е многу важно сириската влада да препознае дека постои подготвеност за дијалог и кај опозицијата. Русија и Арапската лига сакаат да воспостават директен контакт меѓу конфликтните страни во Сирија. „На зборовите треба да им следат конкретни дела“, изјави министерот по средбата со Ал Араби на руско-арапскиот Форум за соработка во Москва.

Русија сака да биде домаќин

Лавров рече дека неговата земја е подготвена да организира средба на претставници на сириската опозиција и сириската влада во Русија. Сирискиот министер за надворешни работи Валид ал Муалим в понеделник (25.02) треба да допатува со делегација во Москва. Во рускиот главен град на почетокот на март се очекува и претседателот на опозиционата Сириска национална коалиција, Моас ал Хатиб.

Лавров нагласи дека двете страни треба самите да одлучат, каде и на кое ниво би требало да биде организирана средбата. Важно пред се’ е двете страни да не си поставуваат меѓусебно услови. Воено решение е безизгледно. „Тоа е пат кон никаде, пат кон уништување на народот“, изјавил Лавров, како што пренесува Интерфакс.