1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Русија има проблем со доселениците

Многу уапсени и повредени лица, рација против доселеници-тоа е билансот на ксенофобните безредија во Москва. Лутината на граѓаните е насочена и кон властите. Но, за руската економија, всушност, мигрантите се неопходни.

Бирулјово е населба од бетонски станбени блокови на југот на Москва, вистинска пустелија. Во него се наоѓа кванташки пазар за зеленчук, целосно под контрола на мигранти, многумина со потекло од Кавказот или Централна Азија. Некои имаат работна дозвола, други немаат. Тоа одамна им пречи на многумина московјани.

Во неделата (13.10.2013) навечер ситуацијата ескалира. Околу пет илјади жители, меѓу нив и руски националисти, излегоа на улица барајќи затворање на кванташкиот пазар, заострување на законите за доселениците и, првенствено, расветлување на убиството на еден млад Русин, кој, како што се претпоставува, бил избоден од некој мигрант.

Убиство предизвика насилни националистички протести

Во четвртокот (10.10.2013) подоцна попладнето, 25-годишниот Егор Шчербаков со својата девојка си одел дома. Пред зградата во која живеел некој непознат ги провоцирал со навреди, потоа извадил нож и повеќе пати го избодел Егор. Исказот на девојката и снимките од камера за набљудување укажуваат на тоа, дека сторителот веројатно потекнува од Кавказот.

Полицијата досега не успеа да го уапси, па тоа беше повод демонстрантите да се упатат кон кванташкиот пазар. Во почетокот протестот беше мирен и учествуваа и деца, како и постари лица. Но, во текот на вечерта се’ повеќе се засилуваше насилничко настроение. Беа гласно скандирани националистички пароли, како „Русија на Русите“. Дојде до судири со полицијата и беа притворени речиси 400 демонстранти.

Razzia gegen Ausländer in Moskau 14.10.2013

Полициска рација против мигрантите во Москва

Етнички погром или спонтана реакција?

Беше ли тоа акција на националистите или спонтан изблик на граѓанска лутина? „Обете“, вели Дмитри Полетаев, директор на Центарот за истражување на миграцијата, во интервју за Дојче веле. Во Русија нема разумна политика на доселување и интеграција, констатира тој. Вешти махери заработуваат од трудот на мигрантите. Населението ги чувствува негативните последици.

Некои Руси веруваат дека доселениците им одземаат работни места, многумина ним им префрлуваат одговорност за насилството на улиците. Веродостојни статистики нема.

Проблемите се решаваат на товар на мигрантите

Познатиот блогер Антон Носик во врска со настаните во Бирулјово коментира: „Сите погроми, што се случуваат во Русија, се - како уште пред сто години - последица на обидите на властодршците, своите проблеми да ги решаваат на товар на туѓинците и оние со различна вера, врз нив да го насочат бесот на населението“. За среќа, вели Носик, таквото прикажување на работите не е популарно кај широките слоеви на населението.

Критиката е насочена и против полицијата. Прво таа во неделата презеде голема акција против налутената толпа во Бирулјово, а во понеделникот уследи рација против мигрантите. На кванташкиот пазар беа уапсени преку илјада од нив. Полицијата сакала да утврди дали тие биле вмешани во злосторства.

Полицијата ги брани своите постапки

Михаил Пашкин, претседател на синдикатот на полицијата, во интервју за независното руско радио „Ехо на Москва“ рече: „По убиството луѓето излегоа на протест, со деца, со детски колички. Но, како што често се случува во вакви ситуации, младите губат контрола и почнуваат се’ да кршат. Но, најголемиот дел од граѓаните не учествуваше во погромот.“

Пашкин предупредува и дека полицијата би можела да се најде меѓу фронтовите. „Граѓаните пред себе гледаат полицајци во униформа и кон нив ја насочуваат својата лутина. Но, обичните полицајци не сносат никаква вина, туку луѓето кои со такви кванташки пазари и трговски центри заработуваат многу пари и илегално вработуваат мигранти.“

Russland Ausschreitungen in Moskau

Еден демонстрант се спротивставува на апсењето во Бирулјово

Руската економија ќе доживее слом без мигранти

Но, руското стопанство одамна не може без мигрантите. Тие ги чистат московските улици, ги вршат најтешките работи на градилиштата. Московјани својот град веќе го нарекуваат „Москвабад“, алудирајќи на Ашхабад, главниот град на Туркменија.

Според наводите на државната Федерална служба за миграција, на територијата на Русија илегално престојуваат околу триипол милиони мигранти. Бројката на легално регистрираните доселени странски државјани изнесува 11 милиони. Во статистиката не влегуваат дојденците од Северен Кавказ - од Чеченија или Дагестан, оти тие имаат руски пасоши.

Нема попрецизни податоци за тоа, колкумина мигранти престојуваат сега во Москва. Но, како и секоја мега-метропола, и Москва има потреба од гастарбајтери, вели Дмитри Полетаев. Руското население уште побрзо старее отколку германското. Потенцијалот на работна сила се намалува за еден милион годишно и поради тоа мора да се засилува преку доселување.

Русија, значи, зависи од трудовата миграција. Но, досега нема ни во зародиш некаква политика на интеграција, па така во моментов предрасуди го предодредуваат односот меѓу домашните и доселениците.