1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Русија – земја партнер на годинешниот Индустриски саем во Хановер

Германскиот канцелар Герхард Шредер и рускиот претседател Владимир Путин вчера го отворија најголемиот индустриски саем на светот во Хановер.

Шредер и Путин на отворањето на Саемот

Шредер и Путин на отворањето на Саемот

Русија, инаку годинава во центарот на вниманието како земја партнер, не само што ги поседува најголемите резерви на нафта и други суштински сировини, туку во меѓувреме се вбројува и во групата земји со најбрз стопански развој.

Владимир Путин, кој два дена ќе гостува на Саемот во Хановер, на вчерашното отворање нагласи:

„Знаеме дека перспективите за стопански раст на целото руско стопанство директно зависат од правната сигурност за претпријатијата. Државата ќе се погрижи овие услови и натаму да се подобрат. Освен тоа ќе го модернизираме даночниот систем и ќе ја намалиме бирократијата.„

Преку 150 руски претпријатија се претставуваат годинава на Индустрискиот Саем во Хановер, што претставува до сега најобемна презентација на една земја партнер.

Домаќинот, германскиот канцелар Герхард Шредер ги истакна рамковните услови за заедничката иднина со Русија, која далеку ги надминува само стопанските врски:

„Со тесното стратешко партнерство сакаме да спречиме повторување на тешките периоди од заедничката историја. Обете земји сакаат да ја обликуваат сопствената иднина во рамките на Европа што сраснува се повеќе. А тоа може да се случи само ако ЕУ, и Германија во нејзините рамки, оствари стратешко партнерство со Русија и ако го изградува понатаму на политички и економски план.„

Извозот е за Германија по традиција придвижувач на стопанската конјунктура – дури 40% од бруто националниот производ доаѓа од претпријата што се извозно ориентирани, нагласи претседателот на Здружението на германската индустрија, Јирген Тума:

„Германскиот извоз беше посебно поттикнат од една земја. Тоа е годинешниот партнер на Индустрискиот саем – Русија! Веќе со години Германија е најголемиот трговски партнер на Русија. Со преку 3.500 претставништва германскиот претпријатија остварија

најголемо присуство на рускиот пазар, во споредба со сите останати индустриски нации на светот.„

На саемската манифестација во Хановер се очекува натамошно збогатување на меѓусебната размена и соработка. Така германскиот концерн Сименс и руските железници според најавите треба да го потпишат договорот за изградба на мрежа супер брзи возови, при што во игра се 60 композиции во вкупна вредност од 1,5 милијарди евра.