1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Русија е тежок партнер, но мораме да го прифатиме повикот на дијалог

По настапот на рускиот претседател Путин во Минхен, со Андреас Шокенхоф, координатор на сојузната влада за германско-руска соработка, разговараше Штефан Хајнлајн

Настапот на Путин во Минхен

Настапот на Путин во Минхен

Настапот на рускиот претседател Владимир Путин на Конференцијата за безбедност во Минхен сврте внимание и предизвика реакции во светот. Отфрлајќи, како што самиот рече, излишна љубезност, тој отворено се пресмета со политиката на Западот генерално, и посебно на САД. Путин зборуваше за нова студена војна, за закани и нова трка во вооружување.

Потпретседателот на фракцијата на партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот Андреас Шокенхоф има разбирање за руските стравови од планираниот американски антиракетен одбранбен систем, кој треба да биде поставен и во држави во соседството на Русија. Руските задршки треба да се примат сериозно, а остриот говор на Путин да биде сфатен како повик на дијалог, вели Шокенхоф, кој е и координатор на сојузната влада за германско-руска соработка.

Со Андреас Шокенхоф разговараше Штефан Хајнлајн од Дојчландфунк.

Прашање:

Вие лично бевте во Минхен, значи во живо го доживеавте говорот на Путин. Какво е вашето објаснение зошто говорот беше толку ледено студен?

Одговор:

Јас како прво го поздравив тоа што Путин дојде во Минхен, а не да дава коментари од далеку. Ние самите си даваме за право да се мешаме во руската внатрешна политика, отворено да зборуваме и за кршењето на човековите права, проблемите со невладините организации. Сметам дека е на место што и Путин го прави тоа во противпотег. Тој не одбра дипломатска форма, беше многу отворен, понекогаш и многу директен. Но, јас во секој случај слушнав и конструктивни понуди во неговиот говор.

Прашање:

Значи, тонот на говорот не беше в ред. Беше ли, тогаш, тој во право во однос на суштината?

Одговор:

Во суштина тој нам јасно ни покажа кон што мораме ние да се поставиме. Прво за конструктивните работи: Путин понуди соработка кај спречувањето на иранска нуклеарна програма и му понуди на Иран трајно и сигурно снабдување од Русија со горивни елементи за цивилно користење на атомска енергија. За целиот свет тоа е прфатлива понуда во однос на Иран. На Европејците Путин им вети долгорочни договори за снабдување со енергија, не само билатерални, туку на ЕУ севкупно, за кои ќе може да се преговара во рамките на разговорите за нов договор за партнерство и соработка. Тој дури понуди и заеднички да се размисли за нови предлози за разоружување. Но, во еден пункт беше многу јасен: антиракетниот одбранбен систем Русите го сфаќаат како математичка равенка според старата логика на стратегиска рамнотежа од времето на студената војна. Според рускиот начин на размислување, ако со некој американски систем биде релативизиран или дури неутрализиран рускиот нуклеарен потенцијал, тогаш тие мораат повторно да ја воспостават рамнотежата со тоа што и самите ќе имаат таков одбранбен систем или пак ќе можат да го совладаат американскиот систем, што Путин го нарече асиметричен одговор.

Прашање:

Не беа ли на Западот малку потценети тие страхувања на Москва од закани и изолација? Стана ли тоа сега јасно?

Одговор:

Ние на Западот, или во суштина Американците, секогаш велевме дека тој нов антиракетен одбранбен систем не е насочен против Русија, туку против нови нуклеарни држави како Северна Кореја. Можеби има место за страхувања било кога и од Иран, или дури и дека ракети-носачи ќе дојдат во раце на недржавни организации како милиции или терористички групи. Така беше образложувано. Системот не требаше да биде инсталиран само во Северна Америка, туку и во други земји.

Прашање:

Но, Путин тоа поинаку го сфаќа?

Одговор:

Путин го сфаќа тоа поинаку оти системот треба да биде стациониран непосредно во близина на руските граници. Путин вели дека според дострелот на ракетите, тој не може да биде насочен против севернокорејски или ирански ракети, туку во секој случај ја погодува ефикасноста на рускиот нуклеарен потенцијал. Тој тоа и не го гледа како агресивно, туку вели дека така станува помалку вредно она што Русија го става на вагата на стратегиската рамнотежа, па поради тоа мора повторно да го надомести.

Прашање:

Тоа ли е објаснение, господине Шокенхоф, зошто Владимир Путин свесно бараше контроверзи, свесно провоцираше во Минхен?

Одговор:

Да, верувам дека е така. Во секој случај, тој на Западот и на НАТО јасно им покажа како Русите ќе го сфаќаат тоа. Поради тоа и повика на многу отворена и критичка дискусија. Оттука сметам дека ние и мораме да го примиме на знаење ставот на Русија за еден таков ракетен систем, се’ едно како го оценуваме. Ние не можеме едноставно да стационираме такви системи во близина на Русија без неа да ја вклучиме во стратегискиот дијалог. Тоа беше јасната порака од Владимир Путин.

Прашање:

Дозволете, господин Шокенхоф, уште малку да зборуваме за мотивите за говорот на Владимир Путин. Требаше ли, можеби, тој да биде јасен знак, токму со поглед кон Вашингтон, дека Русија и натаму е велесила и мора посилно да биде земена предвид во меѓународните прашања?

Одговор:

Јас тоа токму така го сфаќам. Но, тоа не така поради зборовите на Путин, туку едноставно и поради физичката егзистенција. Русија е најголема земја на светот. Таа има огромни резерви на енергија, и ние не можеме да решиме ни еден од егзистенцијалните проблеми во нашето европско соседство без конструктивна соработка со Русија – на Балканот, на Блискиот и Среден исток, во црноморскиот регион, во Кавказот. Затоа тој покажа: без нас не можете да ги решите вашите безбедносни проблеми. Разговарајте со нас! Иако Русија е тежок партнер, мислам дека ние мораме да го прифатиме тој повик на дијалог.

Прашање:

Не ли се промени основата на германско-руската или на соработката на Западот со Русија? Не мора ли да се поразмисли дали Русија навистина е партнер од доверба не само по прашањата за енергетската политика?

Одговор:

Мора да дојдеме до таму Русија да биде партнер од доверба. Но, тоа не можеме да и’ го диктираме, туку може да се случи само преку дијалог. Немаме друга алтернатива, освен да ја вклучиме и Русија. Би била фатално погрешна процена ако Русија се оценува од надвор.

Прашање:

Каква улога може да преземе Германија во тој контекст, можеби еден вид посредничка улога меѓу Вашингтон и Москва, оти и’ оди подеднакво добро со обете страни?

Одговор:

Мислам дека во ова полугодие, во кое го имаме претседателството со ЕУ, во преден план е да се подобрат односите меѓу ЕУ и Русија. Русија радо би соработувала билатерално со поединечни европски земји. Тоа секогаш е посилна позиција. Поради тоа, мислам, наша појдовна поставка е ЕУ да настапи како единствен партнер на Русија. Тогаш Унијата може да игра надополнувачка улога на страната на САД и да создаде пристап и онаму, каде можеби меѓу Русија и Америка би било потешко.

Прашање:

Но, не мора ли владата на Меркел јасно да се позиционира на американска страна, токму по директните напади од Русија против Вашингтон, за да на ризикува нови недоразбирања со владата на Буш?

Одговор:

Госпоѓа Меркел и сојузната влада не оставија ни најмало сомнение. Ние сме во НАТО, ние сме сојузници на САД, но како сојузници се разбира, можеме да бараме сопствен пристап кон Русија, кој е важен во интерес на Алијансата севкупно.

Прашае:

Зборувавте ли со Ангела Меркел во Минхен директно за говорот на Путин и можеби размислувавте како треба сега во наредните недели да се реагира на тоа?

Одговор:

По говорот на Путин веќе не зборувавме, но тоа ќе го надоместиме во наредните недели. Сметам дека треба да се води отворен и директен дијалог. Беа многу јасни, отворени зборови на критика она што го кажавме за повредите на човековите права во Русија, за убиствата на Ана Политковскаја и други новинари, за регистрирањето на партиите. Тоа секако е демократска традиција. Од Америка исто така дојде многу остра критика на руската политика. И кога тоа се случува и обратно, тогаш ние секако би требало да ја водиме таа демократска расправа.

Прашање:

Дали се досега вистински спокојните реакции од Вашингтон од Белата куќа, според ваше гледање, соодветни?

Одговор:

Спокојни не во смисла дека се вели оти тоа не било така мислено, дека се кренала прашина за ништо. Не, ние би требало многу сериозно да го примиме тоа како Русија го сфаќа стационирањето на антиракетен одбранбен систем и околу тоа би требало да разговараме со неа. Ни претерано, ниту трескавично, туку релаксирано, но не спокојно во смисла на тоа дека не би го примиле сериозно она што го рече Путин во Минхен.