1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Русија е отворена за енергетско партнерство со ЕУ...

... но на самитот во Лахти одби да даде долгорочни гаранции за испорака на гас и нафта. ЕУ побара од Русија и пристап на тамошниот пазар

Учесниците на самитот во Лахти

Учесниците на самитот во Лахти

Европа мора да покаже поголемо заедништво навнатре и нанадвор во енергетските прашања, ако сака нејзинити интереси да бидат подобро застапени – тоа е основниот тон од самитот во Лахти. Германскиот канцелар Ангела Меркел дури зборуваше за заедничка енергетска надворешна политика: „Во тој контекст уште еднаш ја нагласивме потребата од единствен европски пазар на енергија, за потоа да може да биде застапувана и единствена европска енергетска надворешна политика“. Тоа пред се’ се однесува на постапувањето спрема Русија, од чии испораки на енергенси Европејците се зависни во голема мера.

Обете страни – Унијата и Русија, се незадоволни од недоволните можности за инвестирање на пазарот на другиот. Меркел, врз основа на сопственото искуство со рускиот претседател Путин, искажа надеж: „Лично често пати разговарав со него.Тој искажа интерес Русија да добие пристап кон европските пазари, што го сметам за правилно. Верувам дека потоа кај него ќе се развие разбирање што истото го бараме ние за рускиот пазар“.

Европејците сакаат да се обидат односите со Русија да ги регулираат со нов, сеопфатен договор, а не само за прашањата на енергетиката, но и да ја намалат зависноста од руските испораки на гас и нафта – на пример, преку други лиферанти од централна Азија или со сопствени мерки. Рускиот претседател рече дека меѓусебната зависност воопшто не е нешто лошо, туку напротив, е добро за обете страни. „Јасно е дека ЕУ и Русија се природни партнери во оваа област. Нашата меѓусебна зависност придонесува за енергетска сигурност на европскиот континент и создава добри предуслови за да се доближиме и во други области“ – изјави Путин.

Во Лахти тема беше и европската иновативност, за да може Унијата да држи чекор во светскиот конкурентски натпревар. Комисијата на ЕУ поднесе неколку предлози. „Добивме потврда и подршка за некои од нашите предлози. Станува збор за неопходноста да се развие стратегија за заштита на интелектуалната сопственост, да се најде решение за стариот проблем за европска патентна заштита и да се унапреди нормирањето и стандардизирањето во Европа“ – рече претседателот на Комисијата Жозе Мануел Барозо.

Шефовите на држави и на влади беа воздржани во однос на предлогот за создавање европски технолошки институт, по примерот на сличната американска институција. Наместо тоа, треба да се воспостави мрежа на веќе постоечките истражувачки центри.

На залагање на британскиот премиер Тони Блер од самитот е искажана длабока загриженост поради кршењето на човековите права во кризната суданска провинција Дарфур и најавено дека Унијата ќе се обиде да ја увери суданската влада да прифати мисија на ОН како единствена реална опција за мир во Дарфур.