1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Русија доби само делумна поддршка од Шангајската организација за соработка

На средбата на Шангајската организација за соработка во главниот град на Таџикистан Душанбе, петте останати земји членки ја поддржаа Русија што се однесува до воената акција во Јужна Осетија.

default

Рускиот Претседател, Дмитри Медведев


Грузија изврши агресија, нагласи рускиот Претседател Дмитри Медведев на средбата на Шангајската организација за соработка во Душанбе. Тој освен тоа ги обвини САД дека придонеле за заострувањето на ситуацијата во Кавкаскиот регион преку поддршката на Грузија, меѓу другото и за членство во НАТО:


„Во вакви екстремни услови ќе спроведуваме и понатаму одговорна политика во регионот. Се заблагодаруваме за признанието и објективната проценка на руските мировни настојувања. Уверени сме дека позицијата на земјите членки на Шангајската група ќе добие и заслужен меѓународен одек“ – додаде Медведев.


Загриженост за напнатоста во регионот


Но, позицијата на останатите пет земји членки на Шангајската група (Кина, Киргистан, Казахстан, Узбекистан и Таџикистан) не се поклопуваше потполно со онаа на Русија. Така тие на пример изразија длабока загриженост поради растечките напнатости во регионот. Освен тоа тие го повторија повикот за зачувување на територијалниот интегритет на државите.


Притисокот од Москва е меч со две острици


Политикологот Аркади Дубнов оценува дека петте земји членки на организацијата нема безусловно да ја следат руската политика во Кавказот:


„За прв пат членките на Шангајската организација ќе мораат да избираат. Москва ги примора на избор кога ги призна Абхазија и Јужна Осетија. Тие претходно изразија поддршка за мировниот план од шест точки, но сега не сакаа да се приклучат во признавањето на двете отцепени грузиски покраини.“


Членките имаат сопствени политички сметки


Експертот Дубнов нагласува дека особено на Кина тешко ќе и’ падне да ја следи руската политика на поддршка на сепаратистичките региони, поради сопствената ситуација:


„Ако Пекинг и’ го признае тоа право на Москва, тогаш тоа може да му се врати како бумеранг. Тоа би ја поткопало нејзината политика кон Тибет и Тајван. Така Кина е поставена пред избор да ја поддржи Русија или да го поддржи Западот. Но, да се донесе исправно решение во таква ситуација е фактички неможно“ – заклучува политикологот Аркади Дубнов.