1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Русија го обвинува Западот за насилството во Украина

Во новите судири меѓу противниците на владата во Украина и безбедносните сили, според наводи на опозициски лекари, загинале тројца демонстранти. Русија за новото насилство го обвинува Западот.

Тројца демонстранти се убиени, изјави денеска (18.02) во Киев шефот на тимот лекари на опозицијата, Олег Мусији, додавајќи дека тие имаат прострелни рани. Освен тоа, повредени се околу 150 противници на власта.

Демонстрантите се судрија со безбедносните сили само еден ден откако во сила стапи амнестијата за уапсените демонстранти. Група од неколку стотици демонстранти денеска ја окупираше централата на партијата на претседателот Виктор Јанукович во Киев. Претходно, опозиционерите ја нападнаа зградата со Молотови коктели и камења. Тие со секири успеаја да влезат во една гаража во внатрешноста на просторот кој и‘ припаѓа на партиската централа.

Протестите на опозицијата, инаку, почнаа мирно. Околу 20.000 демонстранти денеска маршираа мирно кон Парламентот за да извршат притисок врз парламентарците за реформа на Уставот и кратење на преголемите овластувања на Претседателот.

Потоа демонстранти подготвени на насилство се обидоа да ја пробијат полициската блокада и да стигнат до зградата на Парламентот, притоа фрлајќи со камења врз полицајците. Безбедносните сили возвратија со солзавец, гумени куршуми и заслепувачки гранати. Ова се први насилни судири во Киев по четири недели.

Русија за денешното ново насилство го обвинува Западот. „Настаните се директен резултат на политиката на толерирање од страна на западните политичари и европските структури, кои од почетокот на кризата ги затвораат очите пред агресивните дејства на радикалните сили во Украина“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.