1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Русија ги отфрла обвинувањата на ЕУ во врска со Украина

Русија протестираше против критиките од ЕУ на нејзина сметка за изненадувачката промена на ставот на Украина во однос на приближувањето кон Европската унија.

Официјален Кремљ денеска (26.11) ги отфрли како неосновани прекорите од претставниците на Европската унија упатени кон Русија за притисок врз Украина во врска со потпишувањето на Договорот за асоцијација.

„Претседателот на Русија, Владимир Путин во повеќе наврати го изложи нашиот став... Во овој случај е неумесно да се зборува за каков било притисок“, истакна портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

Тој истакна дека Русија го уважува и е подготвена да го поздрави секое решение на украинската страна, бидејќи тоа е суверено и внатрешно прашање на Украина. Официјален Киев во четвртокот изненадувачки го откажа за оваа недела планираното потпишување на Договорот за слободна трговија и асоцијација со ЕУ. Истовремено владата на Украина најави дека ќе го обнови „активниот дијалог“ со Русија.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој во вчерашното заедничко соопштение „го осудија рускиот став“ за договорот меѓу Киев и Брисел и изразија подготвеност да и објаснат на Москва за взаемната полза од односот на ЕУ со Киев.

Во меѓувреме поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, која во моментов се наоѓа во затвор стапи во штрајк со глад, за да изврши притисок врз украинскиот претседател Виктор Јануковиќ да ја промени одлуката во полза на приближувањето кон ЕУ.