1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ружин: „Oчекувам 2009 Македонија да влезе во Алијансата“

Македонија во 2009 година може да влезе во НАТО, со или без решен спор околу името, проценува во интервју за Дојче Веле, поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

default

Нано Ружин, доскорешен амбасадор на Македонија во НАТО

ДВ: Господине Ружин, дали со ветото во Букурешт освен што е блокирна определбата на Макеоднија да стане членка на НАТО, Грција ги блокира и интересите на Алијансата за нејзино целосно инсталирање на Балканот?

Ружин: Секако тоа е прво голем неуспех на Алијансата, дури и во проценките за успехот на принципот на отврени врати се смета дека прашањето за проширувањето беше еден вид полу успех. Во ред е Хрватска и Албанија што ги повикаа, меѓутоа неуспех беше што Македонија беше блокирана, а што исто така Грузија и Украина не добија акционен план за членство. Затоа сметаме дека Букурешкиот самит е неуспех во однос на Балканот, меѓутоа процесот продолжува.

Зошто е за НАТО важно и Македонија да биде дел од безбедносниот систем?

Пред се`, Македонија е битна од повеќе аспекти. Ако погледнеме од регионален аспект, Македонија е единствениот пример на успешна имплементација на мултиетничкиот модел и Алијансата и сојузниците сакаат да докажат дека еден таков модел може не само да егзистира, туку да добие и дипломатска моќ и признание, па дури и да одлучува за другите битни прашања во светот. Од друга страна, Македонија има значајна геополитичка позиција, најдобриот континуитет меѓу Албанија, Бугарија и Грција, порано тоа била една територија. И третиот аспект, што е исто така многу битен, е што Република Македонија го заслужи членството, бидејќи беше пример за тоа што значат исполнети реформи и оправдана покана за членство.

Мора да е поголем интерес во прашање, освен мултиетничноста и заслугата што ја има Македонија. Веројатно глобалните случувања бараат поголем мотив за членство на Македонија во НАТО.

Да, јас мислам дека силната појава на Русија на Балканот, пред се`, преку Србија и она што се случува на Кавказот, беше еден вид полуопомена. Со самиот чин што членството на Македонија беше блокирано, на некој начин опадна кредибилитетот и авторитетот на НАТО во Македонија. Токму поради овие процеси постои и еден вид мало разочарување во Алијансата, бидејќи поаѓајќи до поранешните искуства, се сметаше дека доволно е САД да ви дадат покана и поддршка за да се здобиете со членство. Ние тоа го добивме, но имавме еден Буш кој беше притегнат меѓу европските лидери и меѓу тоа што тие решија да испратат сили во Авганистан.

Дали сметате дека доколу спорот со името продолжи НАТО ќе „крене раце“ од интегрирањето на Македонија, или, пак, во тој случај ќе насочи повеќе притисок кон Атина?

Не, мислам дека НАТО, како еден механизам што е решен да ја прими Македонија, би се откажал само ако земјата отстапи од спроведувањето на реформите, доколку отстапи од демократијата, од принципите на пазарното стопанство и останатите основни принципи.

Словенија, Турција и Америка беа најгласните поддржувачи на Македонија. Има ли земјата и други сојузници и лобисти, кои навистина сакаат да ја видат земјата во НАТО?

Да, иако во медиумите се пренесуваа некои изјави на Франција, јас сметам дека Македонија ја посакуваат сите членки на Алијансата, меѓу кои и Франција. Таа застана на страната на Грција само по прашањето за името, но Франција и останатите држави, пред се` балтичките, кои исто така ни се добри сојузници, потоа државите од централна од источна Европа - Полска, Унгарија, Чешка и Италија - сите го посакуваат членството на Македонија во Алијансата. Затоа мислам дека Македонија нема непријател во НАТО.

Но, имајќи ја предвид комплексноста на спорот со Грција и непопустливите позиции на Скопје и Атина – мислите ли дека Македонија ќе остане на опашката на евроинтегративните процеси во регионот? Соседите ќе напредуваат побрзо, а Македонија сега влегува во пакет со Србија и Црна Гора.

Прашањето за името е навистина комплексно прашање што бара многу повеќе тркалезни маси. Јас дури и се чудам што во земјата толку малку се зборуваше за овој проблем и сметам дека е потребна една многу поголема демократизација на ова прашање. Да се зборува поотворено, да се видат варијантите, да се испитаат сите можности. Мислам дека агендата на НАТО и на Европа е целиот овој дел да биде европеизиран. Можеби ќе закасниме една, две, три години, меѓутоа сметам дека постои можност истото да се реализира наскоро. Нормално, опасноста да бидеме на опашката на интеграциите секогаш постои, но сметам дека тоа не е толку многу поради името, колку поради опасностите од друга природа. На пример, доколку се изменат демократските вредности, доколку дојдат под знак прашање други вредности, тоа е тоа што може да не закова на опашката, фигуративно кажано.

Се чувствува ли таква опасност во моменталната политичка состојба во земјата?

Се надевам дека нема да дојде до тоа. Не можам да почувствувам такво нешто, но ние сме општество во транзиција што предолго трае, општество што и понатаму мора што повеќе да се отвора, понатаму да се демократизира и да се стимулира таа демократизација. Се надевам дека опозицијата набрзо ќе се зајакне и ќе учествуваме во една политичка битка, чија основна цел ќе биде што поголема демократија, што поголема транспарентност, што поголем евро-атлантизам. Европа значи демократија, НАТО значи демократија.

Дали на Македонија по 17 години независност, ако не влезе во НАТО и се заканува изолација или дестабилизиација или некои други темни сценарија?

На Македонија не и се заканува ни дестабилизација ни изолација ако не влезе во Алијансата, меѓутоа Македонија ќе има помал политички домет во смисла на авторитет. Друго е да сте клубот на 29те или 30те држави колку ќе бидат, бидејќи повеќе тежите и кај соседите, настојуваат да ви се приближат, тоа е од политички аспект. Од безбедносен аспект исто така повеќе тежите кога сте во Алијансата, прво се даваат помалку пари за безбедноста, бидејќи со интероперативноста практично котизирате во една колективна безбедност, продолжуваат реформите итн. А од економски апскет исто така јанкне довербара на странскиот капитал. Со други зборови тоа се три димензии, многу битни, коишто нормално ќе доживеат ренесанса, доколку земјата стане членка на Алијасната. Доколку не стане членка на Алијансата нормално странскиот капитал ќе биде потром кон Република Македонија, значи нема да биде толку стимулиран. Политичката валоризација на Републииа Македонија ќе биде помала бидејќи не сте член на големите и трето безбедносната димензија исто така на одреден начин нема да биде со таков голем кредибилитет, затоа што тогаш ќе се потпирате на сопствените сили, на сопствениот капацитет, на сопствената моќ, а знаеме дека Македонија нема таков капацитет со два милиона жители и Бруто национален доход за да тоа го реализира.

Кога прогнозиртате дека Македонија ќе стане членка на НАТО и може ли тоа да се случи и без решение на спорот со Грција?

Тоа е прашање кое во овој миг никој не може да го одговори. Јас очекувам дека во 2009 Република Македонија ќе стане членка на Алијансата. Но дали тоа ќе биде со решен спор или не, но мислам дека 2009 е година кога може да очекуваме да добие членство.