1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ружин: ќе формирам натпартиско тело за решавање на спорот со името

Нано Ружин, кандидат за претседател поддржан од ЛДП, во интервју за Дојче веле истакнува дека на Македонија и` е потребна слога и единствен став по прашањето за името.

default

Нано Ружин

Господине Нано Ружин, која цел би си ја поставиле како највисок приоритет доколку граѓаните Ве изберат за претседател на Република Македонија?

Се разбира, пред се натпартиските, наднационалните, стратешките цели на нашата држава. Тоа се евроатланските интеграции, добрососедските односи и секако решавање на приоритетното прашање, кое е во тој домен, прашањето за спорот околу името со нашиот јужен сосед.

Кој дел од Вашата политичка кариера го сметате за клучен адут во остварувањето на главната цел?

Мислам дека повеќе е оној дел, којшто се однесува на искуствата што ги стекнав за време на мојот дипломатски ангажман во Брисел, каде што запознав многу пријатели, меѓутоа исто така се научив да размислувам малку поинаку од стандардите и начините на размислување коишто се во денешна Македонија.

Што им одговарате на оние кои Ви префрлаат дека ја менувате партиската перипадност. Бевте член на СДСМ, па ја прифативте понудата на владата на ВМРО-ДПМНЕ да станете амбасадор на Македонија во НАТО и сега сте кандидат на ЛДП за претседател на државата?

Прво, кога заминав од СДСМ тоа значеше дека заминав од политичките партии, односно се департизирав, бидејќи еден амбасадор на Република Македонија не е дозволено да биде припадник на ниту една политичка партија. Ако во дневните весници и во кулоарите се декларирате како малку натпартиски тогаш веднаш велат, ако не сте со нас тогаш сте со другите. Во случајов со ЛДП, јас сум само кандидат на оваа партија како еден вид трамболина за да влезам во оваа претседателска трка. Меѓутоа ако погледнете на моите билборди никаде не пишува дека сум член на ЛДП и дека таа партија стои зад мене. Кога ќе го погледнете билбордот воопшто делувате едноставно како да не сте член на ниту една политичка партија и таква е мојата кампања. Тоа не е партиска туку натпартиска кампања и затоа прифатив да бидам во оваа работа. Последното мое членство во политичка партија беше во СДСМ, кое престана во 2001 година.

За разлика од кандидатот на владејачката ВМРО ДПМНЕ на пример, кој може да смета на гласовите од партиската база, Вие би морале да привлечете гласачи од повеќе страни. Кои елементи од Вашата програма ги сметате за потенцијален политички амалгам, кој би ги обединил интересите на поширок круг граѓани на Македонија?

На Македонија и треба не само нов политичар со нови сфаќања, политичар кој обединува и којшто е искрен, туку исто така и нова политичка клима, нова политичка култура на размислување. Во таа насока со нашите настапи се претставивме како еден вид решение за сите оние внатрешнопартиски обвинувања и поделби меѓу луѓето. Кога ја напуштив Македонија во 2001 година, ја оставив земјата политички поделена и тоа со Охридскиот договор успеавме да го надминеме. Меѓутоа, седум години подоцна, во 2008, Македонија е целосно поделена така што имате пожелни и непожелни бизнисмени, пожелна и непожелна стопанска комора, синдикати, интелектуалци, контролирани и неконтролирани новинари итн. Наидов на целосно разбиена Македонија по разни основи. Нашата концепција „Моја Македонија сложна и силна“ е израз пред се’ на желбата да ја обединиме Македонија на која всушност и недостасува слога. Меѓутоа, тоа може да се направи од аспект на само една трета опција. Ниту СДСМ ниту ВМРО ДПМНЕ можат да одат на обединување, иако во своите програми тоа настојуваат да го направат. Кога еден кандидат на ВМРО ДПМНЕ ќе каже дека тој обединува, тој всушност го обединува своето членство. Од иста страна влегува во конфликт со своите неистомисленици. Кога од друга страна кандидатот на СДСМ ги нарекува другите неистомисленици, Вмровчиња, исто така неможе да ги обедини сите луѓе, коишто се во оваа држава. Затоа сосема отворено ја кажуваме нашата концепција, наша Македонија, моја Македонија, онаа и на Црвенковски, на Груевски, Манасиевски, Ахмети, на Тачи, воопшто на сите граѓани на Република Македонија во рамки на нејзините граници. Тоа е еден голем напредок во размислувањето овдека. Исто така политичкото ниво, политичката култура на мислење е нешто ново, со самиот чин што ги организиравме појадоците на доверба, на взаемно разбирање и дијалог. Тоа можевме само ние да го иницираме. Неможеше да го направи ниту СДСМ ниту кандидатот на ВМРО ДПМНЕ.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten

Кој е Ваш рецепт за надминување на клучниот проблем со името? Рековте дека тоа е една од најголемите пречки за евроинтеграцијата на Македонија.

Тој рецепт е следниов: прво треба да се постигне меѓусебен договор во земјата, дали е порационално да се продолжи со тврдата опција на непопустливост или е пожелно да се оди во насока на изнаоѓање компромис. Мојата позиција е да се оди кон компромис. Меѓутоа изгледа дека политичарите повеќе се плашат од евентуалната политичка казна, рејтингот и резултатите на следните избори, отколку да се концентрираат врз вистинска содржина за решавање на овој проблем. Јас, доколку бидам избран за претседател ќе формирам едно натпартиско, експертско тело, форум составен од претставници на сите политички партии, бројни невладини организации и интелектуалци. Кога еднаш ќе се постигне договор околу можниот компромис, тоа експертско тело би ја презело целокупната политичка одговорност и пред народот, дека не се политичарите туку тоа експертско тело на чело со мојот потпис, мојата политичка одговорност, да го решиме тој проблем. Инаку мислам дека и натаму ќе не очекува тапкање во место и губење на време. Според мое мислење во Букурешт загубивме поради недостатокот на слогата, она што го препорачуваме во нашата кампања. Доколку главните актери, претседателот и владата односно премиерот се договореа два три месеца пред почетокот на Самитот во Букурешт, денес немаше се’ уште да тропаме пред вратите на НАТО и се’ уште да немаме датум за отпочнување на преговорите со Европската унија. Но, што направија тие: прво владата на многу неумесен начин почна да прави се’ за да го провоцира јужниот сосед. Иако сојузникот САД предлагаше да се повлече одлуката за преименувањето на аеродромот и да се направи некој позитивен чекор, земјата остана тврдокорно на позицијата. Од друга страна не добивањето на покана во Букурешт всушност беше резултат, последица на неслогата меѓу претседателот и премиерот. Затоа, како што Грција, којашто исто така играше агресивно, понесува дел од одговорноста за тоа, политичката одговорност за невлегувањето во Алијансата исто така треба да ја понесат и дел од главните политички актери во државата.

Веќе се насетува донекаде, меѓутоа каков политички и индивидуален стил би донел Нано Ружин во улогата на претседател на државата?

Пред се’ искреност, обид за обединување и слога на сите, флексибилност, немање на страв за храбри одлуки и без никакви суети. Одам и правам се’, само мојата држава да влезе во НАТО и ЕУ. Во таа насока еден вид модел за мене е однесувањето на Черчил, кој во Втората светска војна го победи фашизмот, ја обедини Европа. Тој е еден од татковците на Европа, но, за сметка на тоа, за сметка на овие основни интереси на човештвото ги загуби внатрешно-политичките борби во Велика Британија, односно ги загуби изборите. Но, Черчил секогаш ќе остане во сеќавањето како голем човек. Затоа им препорачувам на овдешните политичари, помалку да се оптоваруваат со својот личен политички успех, со своите лични цели, со своите лични интереси, со партиските стеги и припадности, а повеќе со оние наднационални, натпартиски цели кои ќе останат во сеќавање дека направиле добро дело за државата.