1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рудник што живот значи

Бакарот од пехчевска Кадиица излегува на површина гарантирајќи економска ренесанса на Малешевијата. Сиромашната малешевска општина Пехчево чека да завршат геолошките истражувања што ги врши „Кадиица метал“.

default

Истражувањата на „Кадиица метал“, фирма од семејството на руски „Солвеј“, се основа за почеток на експлоатација на рудното богатство, што ќе значи нови работни места и економска перспектива за крајниот исток на Македонија.

И 24-годишниот Сашко Стојановиќ, кој во моментов работи како таксист, се надева дека рудникот ќе го врати животот и ќе го сопре иселувањето на младите:

„Со градежништво и такси се вози тоа е, слабо за друга работа, има иселување... Рудникот дава многу надеж“, вели Стојановиќ.

Старт на подобар живот?

Во Пехчево, со околу 6000 илјади жители, има повеќе невработени од вработени.

Geografische Karte Mazedonien

Крајниот исток на Македонија ќе се развие, доколку почне експлоатација на бакар

Евиденцијата вели дека вработени се само 1000 лица, а невработени - 1500. Сиромашна е понудата за вработување на младите. Бомекс, Напредок, Фагус и една конфекција - тоа се фирмите кои ги хранат пехчевските семејства. Бенефитот од природното рудно богатство веќе го чувствува буџетот на општината. На сметката на општина Пехчево се инкасирани 120 илјади евра, пари од концесијата за геолошки истражувања, кои претставуваат половина од буџетот на сиромашната општина. Општината ги искористи за решавање на инфраструктурните проблеми, вели градоначалникот Јован Станоевски:

„Ова, не само за Пехчево, туку и за Малешевијата и за Истоков, ќе биде една каписла, подем што треба да го подобри животот на луѓето“, проценува Станоевски.

Истражувањата ќе завршат за една година

Бакарот на Кадиица е детектиран уште пред 10 години. Геологот проф. Марин Александров, кој ги вршел првите геолошки истражувања, е убеден дека тука има 250 милиони тони бакар во форма која е многу лесна и економична за добивање:

„Моите проценки се дека начинот на добивање на овој тип на бакар е четирипати поевтин од бакарот во Бучим и рудникот кој овде ќе никне ќе биде меѓу 10-те наголеми фирми во Македонија“, оценува проф. д-р Марин Александров.

Николајчо Николов, управник на „Кадиица метал“, вели:

„Очекуваме дека ќе се утврди големо количество рудни богатства и нашиот план е овде да се развие нова технологија - подземно лужење, да нема деградирање на просторот. Бучим е отворен рудник, главно сите рудници на бакар се отворени, а овде треба да биде внатре во самиот рудник, од каде ќе се добива готов бакар.“

Истражувањата треба да завршат во 2012 година, по што ќе се започне со постапката за отворање рудник. Русите од „Солвеј“ најавуваат инвестиција од над 100 милиони евра, а во зависност од применетата технологија за експлоатација, ќе има најмалку 100 директни вработени. Во моментов се вршат геолошки истражувања на бакар и во месноста Боров Дол, во атарот на Штип и Конче.

Автор: Даниела Такева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска