1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рој: Без инвестиции земјоделството е неодржливо

Индиската компанија Сахара груп на Субрата Рој објави инвестициски план за агрокомбинатот Џумајлија, каде за три години планира да вложи 211 милиони евра и да вработи 2.000 лица. СДСМ бара објавување на договорот со Рој.

Планот на Сахара груп е да изгради фабрика за добиточна храна, фарма со 20.000 грла добиток и млекарница. Тој беше презентиран на прес-конференција пред премиерот Никола Груевски.

„Оваа инвестиција за нас е можност да се развиваме во сегмент што го владееме одлично. Млечната индустрија има можности за развој единствено ако се вложат средства. Без инвестиции ниеден бизнис не е оддржлив, а посебно не сегментот на земјоделството, каде тие се повеќе од потребни. Нашите намери во оваа земја се искрени, а со оглед на геостратешката положба на земјата, можностите за успех на еден бизнис се големи. Анализите ни покажуваат дека со правилни инвестиции ќе успееме да ја оствариме нашата цел да бидеме лидери во овој сегмент во регионот. Можностите за развој се големи, само треба да се искористат“, изјави Субрата Рој, претседател на групацијата Сахара.

Инвестицијата на Сахара Груп се однесува на обезбедување на инфраструктура за извршување на земјоделски работи, набавка на машини, изградба на модерна фарма со современ систем на молзење и, како што велат од компанијата, на најсовремена млекарница за производство на млеко и млечни производи.

Субрата Рој нуди поголема инвестиција

GruevskiSubrata

Никола Груевски ја следеше прес-конференцијата од првиот ред

Во распишаниот повик за инвестирање Владата како услов навела инвестиција од 200 милиони евра. Таа и според договорот мора да се реализира, вели за Дојче веле Виктор Мизо, директор на Дирекцијата на технолошко-индустриски развојни зони. Сахара груп во својот бизнис план понудила инвестиција поголема за 11 милиони евра.

„Обрската е во првите 18 месеци да се инвестираат околу 60 милиони евра. Потоа до истекот на 27-от месец уште 70 милиони евра, и до 36-от месец уште 70 милиони евра, за вкупна сума од 200 милиони евра. Во првите 18 месеци треба да има минимум 900 вработувања, а вкупно 2.000 во три години. Во првите 18 месеци треба да се купат 8.000 грла, а вкупно 20.000 за три години“, изјави за Дојче веле Виктор Мизо.

Добитокот, како што информира Мизо, ќе биде купен не од домашниот, туку од меѓународниот пазар. Тој за Дојче веле објаснува и дека законскиот рок за спроведување на преземените обврски тече од моментот на потпишување и објавување на договорот. Доколку Сахара груп не го реализира даденото ветување, тогаш ќе и’ биде задржана банкарската гаранција. За сега нема точна информација колку таа изнесува.

СДСМ: Владата да не влегува во нови коруптивни зделки

Subrata Roj indischer Geschäftsmann

Субрата Рој

Пред потпишување на каков било договор со Субрата Рој, Владата да го објави текстот на договорот, да се види точно какви поволности му дава и најважно – какви конкретни обврски тој ќе преземе, вклучително и колкави банкарски гаранции, рече денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

„Пред Владата да му подари на Субрата Рој илјадници хектари најубаво крајбрежје и плодна земја, инсистираме истата да одговори кои се парцелите кои ќе му бидат продадени на Субрата Рој, колку чини земјата која ќе ја продаде Владата и која цена ќе ја плати Субрата Рој? Зошто нудат цена под пазарни услови, ако тој тврди дека е милијардер? Зошто Субрата Рој тврди во негова изјава пред индиските органи дека поседува само 915.000 долари? Зошто Владата не почека да се расчистат обвинувањата за криминал во Индија“, праша Шилегов, кој ја повика Владата да не влегува, како што рече, во нови коруптивни зделки.

„Ако Субрата Рој ги излажал индиските инвеститори, која е гаранцијата дека нема да не излаже и нас, ако се има предвид дека влогот на Македонија е македонскиот бисер – Охридското Езеро“, забележа портпаролот на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната прес-конференција на СДСМ прашува зошто опозициската партија „реагира панично ако некој сам изјавува дека сака да инвестира во државата?“.

„За каква корупција зборува Шилегов кога денес продажбата на земјиштето оди преку тендерска постапка, нешто што воопшто не постоеше додека СДСМ беше на власт“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во својата реакција.