1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Рохани се нуди за посредник во Сирија

Иран досега стоеше верно на страната на сирискиот властодржец Асад. Сега новиот претседател Рохани нуди неговата земја да биде посредник во конфликтот. Дали е ова пресврт или тактичка игра?

„Јас ја најавувам подготвеноста на мојата држава да помогне да се олесни дијалогот меѓу сириската влада и опозицијата“, напиша претседателот на исламската република, Хасан Рохани во еден гостински текст во „Вашингтон пост“. Луѓето на Блискиот Исток би морало да имаат можност самите да ја одредуваат својата судбина. Иранскиот народ со благодарност ја прифаќа задачата да стапи во конструктивен дијалог со светската заедница.

Иранскиот претседател во овој текст се осврнува и на можноста за надминување на тензиите на целиот Блиски Исток. „Мора да се обединиме и да работиме на конструктивен национален дијалог, дали во Сирија или во Бахреин“, пишува Рохани. „Мораме да создадеме атомсфера, во која народите од регионот ќе можат да одлучуваат за сопствената судбина“. Понудата кај сириската опозиција можеби нема да наиде на големо разбирање, оти Иран се смета за верен сојузник на сирискиот режим.

Германската влада ја поздрави понудата за посредништво од страна на Рохани. „Кој и да може да влијае врз овој режим е добредојден“, изјави портпаролот на владата, Штефен Зајберт во Берлин.

„Двете страни се подеднакво силни“

Раководството во Дамаск во меѓувреме за првпат призна дека во догледен период не може да ја заврши граѓанската војна во своја корист. „Ниту вооружената опозиција, ниту владата можат да ја победат противничката страна“, рече заменикот премиер Кадри Џамил за британскиот весник „Гардијан“. Двете страни воено биле подеднакво силни, и тоа ќе биде така уште извесен период. Доколку се одржи повеќепати одложувата конференција за Сирија во Женева, неговата влада ќе понуди примирје, рече Џамил.

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери бара од Советот за безбедност на ОН да донесе брза и опсежна резолуција за Сирија. Режимот на Асад би морал да биде притиснат да го предаде арсеналот хемиско оружје, рече Кери во Вашингтон.

Режимот на Асад мора, според договор на САД со Русија до сабота да изнесе податоци за арсеналот хемиско оружје. До средината на 2014 година хемиското оружје треба да биде изнесено од земјата и уништено.