1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: Премалку е сторено кај реформите

Зоран Јордановски1 февруари 2016

Нема попуст за македонското раководство поради можната улога во бегалската криза. Спроти посетата на Македонија, Михаел Рот, државен министер во германското МНР, одговори на неколку прашања на Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/1HmhW
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

ДВ: Господине Рот, посетата доаѓа во еден чувствителен момент во компликуваната политичка криза во Македонија. Која е Вашата цел со посетата и како ја оценувате актуелната ситуација таму?

М. Рот: Посетата на Скопје е одамна планирана. Како државен министер за Европа ги посетувам земјите на Западен Балкан за да испратам сигнал до одговорните од политиката, но и до граѓанското општество: постои перспектива за ЕУ-членство. Но, мора да бидат исполнети соодветните предуслови. Колку порешително ќе бидат спроведувани реформите во земјите, толку побрзо ќе напредува процесот на приближување кон ЕУ. А тоа е од интерес како за самите земји кои се решија за тој пат, така и за ЕУ. Стабилност, демократија и благосостојба во целиот регион се наша заедничка цел.

Но, секако е точно: ситуацијата во пјР Македонија во моментов е загрижувачка. Тешката внатрешно-политичка криза во пјР Македонија конечно мора брзо и трајно да биде совладана. Населението има право на тоа! Притоа во преден план стојат реформи кои ќе обезбедат спроведување на договорените нови избори според европски стандарди. Од тоа ќе зависи и како ќе се одвива натамошното приближување на пјР Македонија кон ЕУ. Со мојата посета би сакал активно да ги придружувам напорите од европско ниво.

ДВ: Германскиот дипломат, господин Рајнхарт Прибе, јасно ги дијагностицира проблемите во Македонија и даде редица конкретни препораки. Како се одвива, според Ваша проценка, нивното спроведување?

М. Рот: Предзнаци за опаѓање на реформските напори имаше уште пред сегашниот спор. Многу жалам поради тоа, оти знам дека тоа води до голема фрустрација првенствено кај младата проевропска генерација. Придржувањето кон нашите европски вредности не е цел сама за себе. Тоа е ветување за подобра иднина. Освен тоа, земјите на Западен Балкан сами решија дека сакаат да припаѓат кон таа Унија на вредности. Поради тоа очекувам дека сега конечно ќе бидат започнати решавачките реформи. Што се однесува на дефицитите и на реформските приоритети, од тие причини поднесени од Комисијата на ЕУ, навистина уште е премалку сторено. Поради тоа во моментов е целосно неизвесно дали изборите на 24. април ќе се одвиваат според европски стандарди.

Mazedonien und EU Erweiterung
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

ДВ: Важно е на 24. април да се одржат фер и демократски избори, независно од тоа кој ќе учествува на нив - тоа го рече еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во едно интервју (за магазинот „Капитал“ од Софија). Владеачките партии ВМРО ДПМНЕ и ДУИ се безусловно за предвремени избори на 24. април, без оглед на оддолговлекувањето во спроведувањето на речиси сите важни мерки, договоени за совладување на длабоката политичка криза. Опозицијата не сака под такви услови да учествува на изборите. Колку тогаш би биле легитимни изборите - без опозиција, без разјаснување на сомневањата што произлегуваат од објавените снимки на телефонски разговори? А уште притоа и со актери од тие снимки, кои можеби извршиле тешка злоупотреба на власта - меѓу другото и против изборниот процес?

М. Рот: Ние нагласено ги поддржуваме посредничките напори од европска страна. Со договорот од Пржино политичките сили се спогодија за возен ред за нови избори според европски стандарди. Сега сите одговорни во политиката се и обврзани конечно да дејствуваат и договорот брзо и целосно да го реализираат, така што новите избори би можеле да бидат спроведени соодветно на европските стандарди. Ова барање посебно е насочено кон владата. Таа има посебна одговорност за доброто на земјата и за натамошното приближување кон ЕУ. Не смее да попушти ангажманот за исполнување на обврските. Тоа е нашето јасно очекување. Доколку Комисијата на ЕУ процени дека кон крајот на април се’ уште не се можни фер избори според европски мерила, таа сигурно ќе препорача поместување на изборите.

ДВ: Ескалацијата на бегалската криза можеби уште и ја зајакнува улогата што Македонија ја игра и може да ја игра. Може ли тоа да биде повод за Европа, само поради сопствените моментални интереси и спротивно на своите принципи и барања од земјите-кандидатки за членство, да „замижи на едно око“ во однос на македонското раководство?

М. Рот: Не. Нема политички попуст кај прибилжувањето кон ЕУ. Тоа не значи дека ние не нудиме никаква помош по прашањето за бегалците. Со оглед на драматичната ситуација и во иднина ќе биде решавачко блиско да се соработува со земјите од Западен Балкан. ЕУ, а и Германија сосем конкретно ја поддржуаат пјР Македонија. Така, Германија во меѓувреме им даде на транзитните земји пјР Македонија и Србија 2,1 милиони евра како хуманитарна помош и 1,3 милиони за инфраструктурни мерки. ЕУ за таа намена стави на располагање речиси 22 милиона евра, како и ИПА-средства во износ од 46 милиони. Тоа е израз на нашето признание за укажаната солидарност и истовремено апел до сите да бидат свесни за одговорноста!